Сириските демократски сили (СДФ), предводени од Курдите, објавија дека се согласиле да се повлечат 30 километри од турската граница, потег што беше поздравен од Дамаск и кој би можел да стави крај на турската офанзива.
Турција ја почна офанзивата во североисточна Сирија на 9 октомври со цел да ги избрка курдските милиции подалеку од границата и да создаде сигурна зона, во која планира да пресели два милиона сириски бегалци. Оваа недела, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин договорија сириските и руските сили да ја обезбедуваат областа додека курските милиции не се повлечат во рок од шест дена, што истекува задутре.
Курдските милиции се главна компонента на СДФ и беа сојузник на САД во борбите кои доведоа до поразот на Исламска држава, но Анкара ги смета за терористи.
„СДФ ќе се распореди на нови позиции во североисточна Сирија подалеку од турско-сириската граница во согласност со договорот Ердоган-Путин, со цел да се спречи крвопролевање и да се заштити локалното население“, соопшти СДФ.
Тие побараа од Русија да посредува во „конструктивен дијалог“ помеѓу курдската администрација и владата на Асад.