ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ И УШТЕ 10 ЛИЦА ЗА БЕСПРАВНА ГРАДБА, НЕЗАКОНСКА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА И НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕ

    ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ И УШТЕ 10 ЛИЦА ЗА БЕСПРАВНА ГРАДБА, НЕЗАКОНСКА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА И НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕИстрагата против поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски беше отворена во март годинава. - Јакимовски пред Кривичниот суд (архивска фотографија)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение против поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и уште 10 други лица за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластувања, Бесправно градење и Несовесно работење. Јакимовски, како првообвинет, се товари дека во периодот од 2011-2017 година, како службено лице – Градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште во државна сопственост.

    „Тој во текот на 2012 година при спроведување на постапка за јавна набавка склучил и потпишал договор со правно лице, иако знаел дека правното лице нема доставена банкарска гаранција за квалитетно, а со тоа и навремено извршување на договорот. Тој дозволил изведувачот да започне со изведување на активностите од договорот. По еден месец, заради неквалитетно изведување на работите, го раскинал договорот со изведувачот, со што овозможил правното лице да се стекне со имотна корист на штета на буџетот на општината во износ од 303.295 денари, односно 5% од вредноста на Договорот за јавна набавка. Во периодот од 2012-2013 година во постапка за јавна набавка, првообвинетиот причинил штета на буџетот на општината во износ од 14.609.653 денари. Откако јавната набавка била спроведена и бил склучен договорот, првообвинетиот давал усни инструкции на изведувачот за изведување на дополнителни работи, со што вкупната вредност на работите за изведување надминала 100% од вредноста на основниот договор. Во истиот период, првообвинетиот како градоначалник, во име и за сметка на правното лице – општината, во својство на инвеститор спротивно на чл. 56 и 57 ст. 2 и чл. 63 од Законот за градење, без Одобрение за градење, изградил деловен административен објект на локалната самоуправа со што сторил кривично дело Бесправно градење. За објектот во 2016 година поднел Барање за утврдување на правен статус на бесправни објекти од локално значење“, се вели со соопштението на Јавното обвинителство.

    Јакимовски, заедно со раководен државен службеник во општината, според обвинението, ја искористиле својата службена положба и овластување постапувајќи во предмети оформени по поднесените Барања за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, иако знаеле и биле должни да знаат, дека објектите за кои се поднесени барањата се објекти што не смеат да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, ги потпишале Урбанистичките согласности и дале согласност за вклопување на предметните времени објекти за деловна намена во урбанистичко планската документација. На тој начин, со потпишаните Решенија за утврдување на правен статус на времените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти, тие им овозможиле на три правни и едно физичко лице да се стекнат со право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите во државна сопственост. Јакимовски и службеникот, со искористување на службената положба и овластување, знаејќи дека постапката за легализација на времените објекти со деловна намена е спроведена спротивно на законските прописи, овозможиле на две правни лица со непосредна спогодба да се стекнат со материјална и имотна корист во вид на градежно земјиште под објект за цена од 438 денари по м2, иако според Ценовникот за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште и макролокација на Зони во Град Скопје изнесува 18.000 денари за м2.

    „Со преземените дејствија обвинетите го оштетиле Буџетот на РС Македонија во износ од 31.410.000 денари. Во текот на истрагата е утврдено дека едно од двете правни лица земјиште со површина од 1533 м2 купено за 671.454 денари, по само дваесеттина дена го оттуѓило за 40.528.500 денари“, велат од Јавното обвинителство.

    Во текот на 2016 година, тројца од обвинетите во својство на членови на Комисија за јавна набавка, при спроведување на постапката за јавна набавка сториле кривично дело несовесно работење во служба, велат од Обвинителството. Пред да пристапат кон евалуацијата на понудите при проверка на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачите, тие прифатиле некомплетна понуда на правно лице и овозможиле правното лице да учествува во постапката и да биде избрано како најповолен понудувач. Со ваквите дејствија овозможиле правното лице да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 2.845.234 денари, на штета на буџетот на општината.

    Двете лица обвинети за кривично дело Бесправна градба го сториле кривичното дело што им се става на товар така што едниот обвинет како одговорното лице во правното лице – изведувач, започнал со изведување градба и изградил деловен – административен објект на локалната самоуправа без Одобрение за градење на инвеститорот. Другиот обвинет, како надзор, во име и за сметка на правното лице, спротивно на чл. 36 ст. 1 алинеа 1 од Законот за градење, без Одобрение за градење на инвеститорот, вршел надзор на градбата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира