МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ ПРИТИСКА ВЛАДАТА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ПЛАСТИЧНА АМБАЛАЖА  

    МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ ПРИТИСКА ВЛАДАТА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ПЛАСТИЧНА АМБАЛАЖА   Министерството за животна средина прави анализи со Министерството за финансии и со Службата за општи и заеднички работи за со следните набавки и договори постепено државните институции да се откажат од пластична амбалажа. - Министерот за животна средина Насер Нуредини и министерката за финансии Нина Ангеловска на владина седница (Фото: Влада)

    Министерот за животна средина Насер Нуредини притиска државните институции да се откажат од пластична амбалажа и на тој начин, не само што власта ќе придонесе за намалување на загадувањето со пластика, туку и ќе даде пример за приватните компании и граѓаните, а ќе ги поттикне производителите на храна, вода и други пијачки постепено да го префрлаат пакувањето од пластика кон стакло.

    Во изјава за САКАМДАКАМ.МК Нуредини потврди дека веќе неколку седници на Владата се дискутира за неговиот предлог, со тоа што исфрлањето на пластиката ќе оди постепено, за да не се наруши балансот на пазарот и да се испитаат сите финансиски импликации од тој потег.

    „Правиме анализи со Министерството за финансии и со Службата за општи и заеднички работи, како институција што ги врши јавните набавки за речиси сите државни институции. Имаме тековни договори кои мора да ги испочитуваме и правиме финансиска анализа за следните набавки и договори“, вели Нуредини

    Тој вели дека ќе инсистира за почеток да се исфрлат малите пластични шишиња за вода и безалкохолни пијалоци.

    „Ако веќе трошиме пластика, да трошиме помалку пластика“, вели Нуредини и додава дека во министерството со кое тој раководи веќе се користат стаклени шишиња.

    Тој е уверен дека со овој потег на Владата ќе се поттикнат и другите корисници на јавни пари, како што се општините и претпријатија во државна сопственост, постепено да се префрлаат на стакло, наместо пластика, водејќи сметка и за приватниот сектор на кој мора да му даде време да се прилагоди.

    Нуредини за оваа иницијатива зборуваше на телевизијата „Алсат“ во интервју за „360 степени“ кое го искористи за да се извини откако пред неколку дена беше обвинет дека бега од медиумите за да не зборува за загадувањето на воздухот.

    „Мислам дека таа ситуација беше целосно недоразбирање, веројатно поради грешка и недостиг на искуство од моја страна. Немам ништо против медиумите, јас всушност ги поканив да разговараат со мене и им кажав дека имам брифинзи и дека мојата врата им е отворена. Се извинувам ако навредив некого, тоа не ми беше намерата“, кажа Нуредини во интервјуто на „360 степени“.

    Тој зборуваше на англиски јазик. На прашањето зошто не зборува на официјалните јазици одговори дека разбира македонски и интензивно го учи, а на албански понекогаш не може чисто и слободно да се изрази бидејќи прави граматички грешки.

    „Најважно е да испорачам резултати за доброто на македонските граѓани, затоа што јас сум во служба на граѓаните, без разлика на кој јазик зборувам“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Нуредини кој, иако е родум од Камењане, тетовско, своето стручно образование го стекнал во Виена и во Лондон, каде што и работел пред да стапи на функција министер за животна средина во Владата на Зоран Заев.

    Тој најави дека Владата веќе подготвува неколку закони кои се однесуваат на заштитата на животната средина, како што се Закон за индустриска емисија на гасови, Закон за заштита на природата, како и на амандмани на Законот за квалитетот на воздухот и за животна средина.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира