Поранешните обвинителите од СЈО, кои на работа сè уште доаѓаат во зградата на „Рузвелтова“, како и 90-тина вработени службеници, чиј статус лебди три месеци, седат на работа без парно. БЕГ не може да им пушти греење, поради опасност дека ќе се случи поплава и ќе се загрози огромниот собран материјал, докази и бомби за сите предмети што ги отвори Специјалното јавно обвинителство.
БЕГ уште го нема исклучено СЈО за неплатени три сметки. Функционираат и службените телефони, но вработените велат дека и кон „Македонски Телеком“ не се платени сметките за истиот период како за струјата и за греењето.
„Вработени од БЕГ неколку пати дојдоа поради неисправност на системот за греење, како и на цевките во зградата. Според она што го кажуваа, постои ризик ако се вклучи парното, да се поплави повторно просторијата со доказите. Среќа држеше времето, па вклучувавме клими. Но, прашање е до кога ќе може и на клими да се грееме, зашто ЕВН поради неплатени сметки за три месеци, секој момент може да ја исклучи струјата“, вели настинат службеник од СЈО, кој два дена се лекува дома.
„Добро е што сè уште на мобилните телефони имаме опција за разговор во две насоки. Кога ќе ја исклучат едната, ќе знаеме дека наскоро ќе има тишина и на службените телефони“, велат соговорниците. Интернет има, но и тој не бил платен скоро 90 дена.
Проблемот е што по притворањето на Катица Јанева, во зградата која ќе остане во владение на Јавното обвинителство, нема овластен потписник на сметките. Од таа причина и скоро три месеци вработените немаат земено плата. Од овој месец, од ноември, веќе не им тече ни здравственото осигурување.
Во Собранието, Министерството за правда поднело измени на Законот за јавнообвинителска служба, со кои на Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ќе му се дадат ингеренции врз вработениот технички персонал (од ИТ инженери, економисти, правници, возачи и други службеници, до дактилографките, записничарите и хаусмајсторите), со тоа што ќе добие овластувања да потпишува исплата на платите на овие луѓе, а и да се платат сите заостанати сметки.
Но, законот долго заглави во Собранието. Според една информација, Министерството за правда дало две верзии, па постоела интерна неусогласеност која да се потпише и да се стави на седница. Според другата, ДУИ го кочела носењето на измените.
Но, од владејачката ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија:
„Нека го поднесат законот во Собранието и нека ја стават ДУИ во искушение, па да видиме кој ќе гласа за законот, а кој не. Од нас е дадено зелено светло за средување на оваа ситуација и ние ќе гласаме за измените, за кои е потребен 61 глас“.
Додека настинати чекаат цевките од парното да се поправат во име на спас на доказите, и ЕВН да ја исклучи струјата, техничкиот персонал ги спрема тужбите против државата за неисплатените плати. Премиерот Зоран Заев предупреди да се донесе законот и да се овласти Државниот обвинител, зашто државата ќе треба после со судска предуда да им враќа на овие службеници со камата.
Во март годинава, во подрумските простории на СЈО имаше поплава од пукната цевка за парно и беа зафатени дел од доказите и документите.
С. К. ДЕЛЕВСКА