СЈО НЕМА ПЛАТЕНО СТРУЈА, ВО ОПАСНОСТ СЕ НЕПУШТЕНИТЕ БОМБИ, ПРИВАТНИТЕ РАЗГОВОРИ И ДОКАЗИТЕ ЗА СИТЕ ПРЕДМЕТИ

    СЈО НЕМА ПЛАТЕНО СТРУЈА, ВО ОПАСНОСТ СЕ НЕПУШТЕНИТЕ БОМБИ, ПРИВАТНИТЕ РАЗГОВОРИ И ДОКАЗИТЕ ЗА СИТЕ ПРЕДМЕТИСите докази и сефот со сите прислушувани материјали што ги поседува СЈО се сѐ уште во зградата, ништо не е изнесено и не смее да се изнесува оттаму. (архивска фотографија)

    Безбедносните камери во зградата на СЈО наскоро се гасат поради долгови за неплатени сметки за струја и со тоа се оставаат на ризик за крадење и оштетување на доказите во депото во СЈО за сите отворени предмети досега.

    ЕВН ќе ја исклучи струјата во зградата. Камерите работат на струја и нема да може да работат. Сите докази и сефот со сите прислушувани материјали што ги поседува СЈО се сѐ уште во зградата, ништо не е изнесено и не смее да се изнесува оттаму. Сметките за октомври и ноември не се платени. Институцијата по притворањето на специјалната обвинителка Катица Јанева, нема потписник за сметките.

    Во оваа зграда само се трупаат и не се плаќаат купишта сметки за струја, вода и парно за септември и октомври, а Парламентот абер нема да ги донесе законските измени со кои ќе му се даде овластувањето на државниот обвинител Љубомир Јовески за потпишување на сметките во врска со трошоците на институцијата која е парализирана поради обвинетата шефица на СЈО.

    Освен неплатените сметки, проблем е и тоа што 90 вработени (стручни соработници, технички помошен персона, лица за односи со јавност), немаат земено плата за септември и октомври, од истата причина, бидејќи нема надлежно лице кое ќе им потпише за плати. Од ноември, веќе го губат и правото на здравствено осигурување.

    Овие вработени Републичкото обвинителство нема намера да ги брка, напротив, кога изминативе години правеше споредба со колкави ресурси располагало СЈО, ја спомнуваше оваа администрација и помошен персонал во СЈО, како клучна поддршка на обвинителите и на тамошните обвинители и истражители.

    Уште пред еден месец во Собранието се поднесена измената на Законот за јавнообвинителска служба, но претседателот Талат Џафери не го ставил на дневен ред. Измената е само во делот на преземањето на службениците од СЈО и во поднесокот стои дека за оваа намена веќе се обезбедени средства од Буџетот. Треба само да се изгласа со просто мнозинство од 61 пратеник, но не се прави тоа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари