ЛЕСНО МУ Е НА ЏОЛЕВ ДА ПРОТЕСТИРА ЗА ПОВЕЌЕ ПАРИ, НЕКА ПРОТЕСТИРА ПРОТИВ ЗАСТАРУВАЊЕТО ПРЕДМЕТИ, ВЕЛИ ДЕСКОСКА

    ЛЕСНО МУ Е НА ЏОЛЕВ ДА ПРОТЕСТИРА ЗА ПОВЕЌЕ ПАРИ, НЕКА ПРОТЕСТИРА ПРОТИВ ЗАСТАРУВАЊЕТО ПРЕДМЕТИ, ВЕЛИ ДЕСКОСКАДескоска жали што не слушнавме став од судството за прашањата поради кои граѓаните имаат најмала доверба во судството. - Министерката за правда Рената Дескоска; Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев (Фото: СДК.МК)

    Министерката за правда Рената Дескоска ги нападна судиите, претседателите на судовите и обвинителите на денешната прес-конференција по протестите на судската администрација, незадоволни што добија помало зголемување на додатоците на плата од судиите. Таа го издвои претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев, кој даде поддршка на протестот на вработените во неговиот суд.

    „Видовме дека претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев дава поддршка на они кои протестираат во неговиот суд. Лесно е да дадете поддршка на луѓе кои протестираат за средства. Многу е потешко да протестирате за морални вредности. Искрено очекувам Џолев да излезе со протест, со влијание врз неговите колеги, зошто некои судења не се закажуваат три месеци и зошто застаруваат предмети во неговиот суд. Тие прашања ги интересира јавноста“, изјави Дескоска.

    Таа жали што не слушнавме став од судството за прашањата поради кои граѓаните имаат најмала доверба во судството.

    „Очекувавме реакција од судиите, претседателите на судиите и судската администрација за застарување на гонењето во одредени судски постапки со што криминалот останува неказнет. Очекувавме реакција од судиите и администрацијата за одредени сомневања за криминал во нивните редови за кои не видовме постапки. Слушаме за примери во кои судски доставувачи возат подобри автомобили од судии во некои судови. Слушаме за бизнис зделки меѓу судии, обвинители и адвокати и за тоа очекуваме реакции од обвинителството и Судскиот совет. Вработените во судовите треба да помогнат во откривање на лица вклучени во криминал. Потребни се постапки кои ќе го вратат судството на листата на институции во кои јавноста има доверба. За жал, гласот од редовите на судството го слушаме само кога станува збор за распределба на пари. Судството има најмалку легитимитет да зборува на оваа тема“, вели Дескоска.

    Дескоска ја повика и Антикорупциската комисија да го испита имотот на судиите и обвинителите и на тој начин да се искористат постојните законски можности за, како што рече таа, мек ветинг.

    „Криминални поведенија, поведенија кои ќе значат пазарење со судски процеси не се дозволиви ако сакаме да градиме владеење на правото“, вели Дескоска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира