Штипско Ново Село веќе трета година е соочено со излевање фекалии од главниот колектор, кој од целиот град завршува во оваа населба како последна, пред да заврши во реката Брегалница на 6 км кај селото Софилари. Покрај главниот камен мост во оваа најстара населба во Штип, која со црквите и културно-историските споменици речиси целосно е ставена како заштитено културно наследство, во реката веќе е формиран ѓериз од кој се шири неподнослива миризба.
Новоселци, кои со делегации ја пријавувале хаваријата, рекоа дека е голема штета и за нив, ама и за голем број намерници, туристи кои го посетуваат Ново Село и неговите многубројни цркви и културно-историски споменци. Доаѓаат, но бргу заминуваат.
„Подолго време големата цевка од колекторот, која ги собира фекалиите од целиот град и е инсталирана на конструкцијата од мостот, е оштетена од временските влијанија и сега од неа се излеваат фекалии. Сега не можеме прозорец да отвориме од нашите куќи, а во лето и да не зборуваме, ептен смрдеше на најгадното“, велат сите жители кои живеат во куќите покрај реката Брегалница.
Општината и штипските комунални претпријатија по пријавата веднаш ги презеле потребните мерки. По скенирањето на проблемот било извршено крпење на расцепената цевка на колекторот, но само за кратко.
„Почнавме да го крпиме оштетениот колектор, но се покажа дека големата колектороска цевка не може да се санира како што треба. Во договор со Општината, решивме проблемот да се решава квалитетно и комплексно“, вели директорот на Јавното комунално претпријатие „Исар“ Живко Тасев.
Работите што ги презело „Исар“ ги потврдуваат и жителите на Ново Село кои добиле ветување од градоначалникот на Штип Благој Бочварски дека веќе било разговарано со адекватна фирма која може да го реши проблемот. Тој кажал и дека бил распишан тендер не за крпење на цевководниот колектор на мостот кој не е под земја туку да се изврши замена на целата видна колекторска цевка.
Жителите напоменуваат дека нивната реакција веќе три години е присутна кај општинските власти и велат дека напролет секојдневно ќе ги покануваат на седенки кај паркот наречен Еко јаворот, покрај ѓеризот кај камениот мост на Брегалница, за да накратко ја почуствуваат реата што тие секојдневно ја вдишуваат.
Новоселци велат дека најтрагично е што сите општински надлежни служби и општинската власт за празникот Војордание присуствуваат на светиот чин Богојавление, а светиот крст се фрла во ѓеризот каде по него скокаат голем број граѓани.
Т. ЈОВАНОВСКИ