Синиша Јовановски (40) од село Пелинце, Општина Старо Нагоричане, е осуден на 7 години и 8 месеци затвор затоа што со своето возило го усмрти полицаецот Виктор Цветковски (37) од Куманово и тешко повреди уште три лица.
Кривичниот совет во Основниот суд Куманово на Јовановски му судеше за две кривични дела: тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот со смртни последици и тешки телесни повреди и неукажување на помош на повредените во сообраќајна несреќа, при што за првото дело доби седум години затвор, а за второто 10 месеци, што беше споено во единствена казна од 7 години и 8 години. Исто така. изречена му е и тригодишна забрана за управување на моторно возило од правосилноста на пресудата, а продолжена му е мерката притвор.
Во текот на судењето, Јовановски го признал делото и изразил жалење за изгубениот живот.
Несреќата се случи на 21 април годинава, 45 минути по полноќ, на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, во населбата Ајдучка Чешма. Возејќи го својот „мерцедес“ со поголема брзина од дозволената и со 1,83 промили алкохол во крвта, Јовановски изгубил контрола и удрил во полицаецот Цветковски, а потоа и во полициското возило на сообраќајната патрола, во која биле уште двајца полицајци-практиканти. Наместо да застане и да помогне, возачот побегнал од местото на несреќата и по два километра, во близина на хотелот „Сателит“, се судрил со такси возило, во кое се наоѓале тројца патници. Од ударот, неговото возило се превртело и тој се здобил со полесни повреди и бил приведен.
Полицаецот Цветковски, татко на две деца, починал на самото место, додека уште еден полицаец, возачот на таксито и една патничка биле тешко повредени, а останатите полесно.
С. НИКОЛИЌ