Македонија денеска одбележува Ден на жалост откако во поплавите предизвикани од завчерашното невреме во скопскиот регион загинаа најмалку 21 лице. Последната информација од Министерството за внатрешни работи вчера беше дека од пронајдените 21 лице, 20 се идентификувани и предадени на семејствата, а една жртва не беше идентификувана. Загинатите се пронајдени во реонот на приградските населби Сингелиќ, Стајковци, Црешево и обиколницата кај Смилковци, каде поплавите оставија пустош зад себе, оштетувајќи домови, возила и инфраструктура. Итната медицинска помош соопшти дека имала 65 интервенции, а во скопските болници помош побарале над 70 лица.
На вчерашната вонредна седница, Владата донесе одлука на семејствата со загинати да им додели еднократна парична помош од 300.000 денари, а претходно такви одлуки донесоа Градот Скопје за 180.000 денари и општина Гази Баба за 100.000 денари. На истата седница, прогласена беше и кризна состојба во скопскиот и тетовскиот регион во наредните 15 дена.Специјални тимови на АРМ за пребарување и извлекување беа ангажирани во околината на Стајковци, Ченто и обиколницата, каде заедно со екипите на МВР и останатите служби го пребарувааа теренот и работеа на извлекување на загрозено население, добиток и заглавени моторни возила.Општина Гази Баба отвори пунктови за помош на настраданите во основните училишта „25 Мај“ и „Наум Наумовски-Борче“, Црвен Крст дејствуваше од пунктот во Момин Поток, а граѓаните се самоорганизираа кај „Веро Центар“ и со сопствен превоз ги дистрибуираа собраните продукти до загрозените подрачја.
Делегацијата на Европската унија во Скопје изрази сочувство до семејствата кои ги загубија своите сакани во поплавите и соопшти дека ЕУ е подготвена да им помогне на властите преку Механизмот за цивилна заштита на Унијата.Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека за време на завчерашното невреме во Скопје наврнале 93 литри на метар квадратен. Синоќа повторно имаше дожд, а прогнозата за денеска е дека ќе има локален развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во западните делови. Утре се уште ќе има услови за слаб локален дожд претежно за западот, а во среда и четврток ќе биде стабилно. Од денеска температурата на воздухот благо ќе се покачува.
МАКЕДОНИЈА ОДБЕЛЕЖУВА ДЕН НА ЖАЛОСТ ПО ПОПЛАВИТЕ ВО КОИ ЗАГИНАА 21 ЛИЦЕ
a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)