Деца од повеќе градинки и училишта денес, на Светскиот ден на детето, на претседателот на Собранитето Талат Џафери му го прочитаа и предадоа „Барањето од децата за правата на децата“, а потоа пуштија балони во разни бои како симболична порака за еднаквост на правата на децата.
„Денеска, на одбележувањето на Светскиот ден на детето и 30 години од усвојувањето на Конвенцијата за правата детето на ОН, институцијата Народен правобранител тргнувајќи од четирите основни принципи на Конвенцијата – правото на живот, опстанок и развој, недискриминација, учество и најдобар интерес на детето, избра да го одбележи овој голем ден на начин што вие децата ќе го имате главниот збор, а ние повозрасните ќе слушаме“, рече Народниот правобранител Иџет Мемети на свеченоста насловена „Сите сме = во правата“ која се одржа во Домот на АРМ.
Мемети додаде дека денешниот ден е добра можност да ги потсетиме носителите на власта и тие што донесуваат и носат одлуки дека децата и нивните интереси мораат да имаат приоритетно значење, а при донесувањето на одлуките кои се однесуваат на децата секогаш внимателно да оценат како тие ќе се одразат во животот на децата.
„Одговорноста за почитувањето, остварувањето и заштитата на правото на детето е наша, на возрасните, тргнувајќи од оние кои носат одлуки и применуваат прописи, па се до оние кои се грижат за децата. Иако сте деца вие сте нашите следбеници, важни чинители на нашето општество“, рече Мемети.
Згради низ Скопје вчера и денес се осветлени во сина боја во чест на Светскиот ден на детето. Укажувајќи на потребата од унапредување на правата на децата, сини светла добија Владата, Собранието, ТАВ Македонија со Меѓународниот аеродром Скопје, Министерството за образование и наука, Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба, кулите Џевахир, Амбасадата на Италија и други. „Осветли во сино“ е глобална иницијатива и беше најавено дека кон неа ќе се приклучат и светски знаменитости.
Како застапник на лицата со попреченост од Македонија, 11-годишниот Јане Велковски ќе учествува на глобалниот самит на УНИЦЕФ во седиштето на ОН во Њујорк, каде што децата и младите ќе испратат повик за акција за заштита и унапредување на нивните права.