АЛБАНИЈА ОТВОРИ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛАТ ВО БИТОЛА КАДЕ СЕ СТАВИЈА ТЕМЕЛИТЕ НА СОВРЕМЕНОТО АЛБАНСКО ПИСМО

    АЛБАНИЈА ОТВОРИ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛАТ ВО БИТОЛА КАДЕ СЕ СТАВИЈА ТЕМЕЛИТЕ НА СОВРЕМЕНОТО АЛБАНСКО ПИСМОЗа почесен конзул на Албанија е именуван поранешниот вицепремиер Имер Селмани (Фото: СДК.МК)

    За Албанците, Битола е многу значајна како град, како историја, затоа што тука пред 111 години преродбениците ги ставија темелите на модерната албанска азбука, изјави новиот почесен конзул на Република Албанија во Битола, Имер Селмани.

    Албанскиот конзулат, што беше отворен денеска, е 13. во новата битолска историја. За конзул е назначен Имер Селмани, поранешен вицепремиер и ексминистер за здравство, како и кандидат за претседател во 2009 година, кога беше наречен „македонски Обама“, зашто, покрај Албанците, привлече и македонски гласачи.

    „Ова место има посебен сјај и гостопримство, но и посебна историја. Битола има голем придонес во создавањето на албанската азбука. Со тоа, Македонците и Албанците што денес живееме тука, заедно со сите други етнички заедници, сме горди на минатото. Сите ќе работиме да се гордееме и со нашата иднина. Имаме заедничка цел да имаме подобро место за живеење, да сме под едно сонце во НАТО и ЕУ, како Република Северна Македонија, така и Република Албанија“, рече Селмани.

    Градоначалничката Наташа Петровска изрази надеж дека со отворањето на конзулатот ќе се интензивира соработката помеѓу двете држави, овој пат и на локално ниво.

    „Ме радува што ова ни отвора можности за многу подлабока соработка помеѓу двете држави, дури и на ниво на локални самоуправи“, рече Петровска.

    Конзулатот е лоциран на Широк Сокак, каде што е и дел од останатите конзулати. Битола има десет почесни конзулати и еден генерален на Република Бугарија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира