Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и Град Скопје преку соопштенија до медиумите се искараа дали во неделата имало загадување поради истекување на солна киселина во кругот на поранешната фабрика Металски завод Тито (МЗТ).
Вчера, градоначалникот Петре Шилегов изјави дека градските инспектори за животна средина констатирале оти од цистерна од 50 тони течело солна киселина поради што се ширела напријатна миризба, а фирмата „Макохемија“ немала елаборат за заштита на животната средина. Шилегов најави дека ќе поднесе и кривична постапка и дополни дека на терен требало да излезе Државниот инспекторат за животна средина кој се надлежен за ваков тип капацитети, но тие тоа не го сторил.
Денеска од Инспекторатот ги демантираа изјавите на Шилегов, тврдејќи дека немало истекување туку од цистерната капело солна киселина, а фирмата имала еколошка дозвола издадена уште од 2004 година.
„Изјавите на градоначалникот Шилегов и инспекторите од Град Скоје се тотална невистина и лага. Нив не ни требало да ги пуштат во фабриката, бидејќи не се надлежни за вакви контроли. Ние излеговме на терен во понеделникот и беше констатирано дека имало капење на солна киселина, но тоа било во танкваната или бетонскиот базен кој е еден вид заштита за вакви случаи. Немало загрозување на почвата и животната средина. Тотални невистини се и дека фирмата немала елаборат за животна средина. Тој им е издаден уште во 2004 година, според тогашни законски прописи“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.
По ваквата изјава, повторно со реакција се јавија од кабинетот на градоначалникот Шилегов, велејќи дека соодветно постапиле и дека истекувањето на солната киселина, поради што се ширело пареа, може да се види и од фотографиите кои ги направиле инспекторите и тврдат дека фирмата не приложила еколошки елаборат.
„Град Скопје во целост ги отфрла наводите на Државниот инспекторатот за ширење лажни информации и клевети и сакаме да нагласиме дека станува збор за професионално и навремено извршување на работните задачи на Инспекторат на Град Скопје, со цел спречување на поголема еколошка хаварија што би можела да биде предизвикана во овој случај. Град Скопје го повикува ДИЖС да си ја врши работата согласно со надлежностите во интерес на заштитата на животната средина и за зачувување на здравјето на граѓаните“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА