УЧЕНИЦИТЕ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ДОБИЈА ГЛАС СО АРТ-ТЕРАПИЈАТА, ЗАВРШИ ПРОЕКТОТ „УМЕТНОСТ ЗА СИТЕ“

    УЧЕНИЦИТЕ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ДОБИЈА ГЛАС СО АРТ-ТЕРАПИЈАТА, ЗАВРШИ ПРОЕКТОТ „УМЕТНОСТ ЗА СИТЕ“Со изложбата „Јас и ти, едно сме“ финишираше двегодишниот ликовно-едукативен проект „Уметност за сите“ за ученици-деца со различен спектар на попречености, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби. (Фото: К. Попов)

    Декорирани чаши, обоени чадори и уметнички дела во повеќе техники се дел од изложбата „Јас и ти, едно сме“, последната изложба од двегодишниот ликовно-едукативен проект „Уметност за сите“, која беше отворена денес во Чифте амам . Станува збор за проект на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ), со пари од програмата МАТРА на Холандската амбасада, во чии рамки се реализираа голем број работилници кои анимираа учесници-деца со различен спектар на попречености, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби, притоа нудејќи можност за социјална инклузија, преку вклучување врсници од редовната настава.

    Од 2018 до 2019 се реализираа изложбите: „Од мој агол“, „Дај му форма на животот“, „Пролет, лето,есен,зима…и повторно пролет“ и последнaта „Јас и ти, едно сме“, на која работеа ученици од редовната настава и ученици од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“ во Скопје.

    Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, директорката на НГСМ Дита Старова-Ќерими и координаторката на проектот Маја Димитрова. (Фото: K. Попов)

    „Изминативе две години, имав прилика и можност да работам со многу професионалци, со прекрасни наставници, насатаници кои не биле само наставници по ликовно, туку биле и родители на овие деца. Јас сум благодарана на сите кои учествуваа во проектот, кој даде шанса на многу дечиња и внесе радост во многу семејства и кој на целата јавност и покажа дека знаат, можат, умеат и дека едноставно не се ништо поразлични од другите“, рече координаторката на проектот, Маја Димитрова.

    Директорката на НГСМ Дита Старова-Ќерими кажа дека преку изложбите се слави разновидноста – разновидноста на нашата нација и на мислата.

    „Искрено се вложуваме да се донесе инклузивноста што се воздигнува во нашата заедница. Со многу терапии за деца со посебни потреби, родителите се сведоци или можеби не се присутни. Уметноста е различна, уметноста го преминува мостот помеѓу родителот и детето. Преку нашите изложби видовме дека родителите се забавуваат со своите деца, а тоа создава прекрасна интеракција која тешко може да се постигне кога зафатеноста на животот бара внимание. Арт-терапијата им дава глас на децата со посебни потреби и ги зајакнува на начин на кој не може да има друга активност“, рече директорката.

    На изложбата „Јас и ти, едно сме“ работеа ученици од редовната настава и ученици од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“ во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Проектот стартуваше во 2017 во мандатот на холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, а финишираше во мандатот на актуелниот амбасадор Дирк Јан Коп, кој рече дека му е жал што не е дел од „Уметност за сите“ уште од самиот почеток.

    „Оваа земја историски, економски и културно е дел од Европа. Вчера, за првпат во историјата, на самиот на НАТО во Лондон беше истакнато и знамето на Северна Македонија. Следен чекор ќе биде членството во Европската Унија. Мислиме дека дека тоа е повисока политика, но не е. Затоа што крајна цел е да се има земја во која секој ќе сака да живее и во која секој ќе биде среќен што живее. Тоа е земја во која луѓето имаат еднакви права и никој не е над законот. И каде има место за луѓето со посебни потреби. Затоа овој проект е толку важен, затоа што се фокусира на луѓето со посебни потреби. Треба да постои систем каде ќе имаат целосен пристап до образовниот систем за луѓето со посебни потреби. Меѓутоа дали постои подобар начин да се подигне свеста за потребите на овие луѓе отколку преку културата и уметноста. Сакам да им се заблагодарам на децата што направија толку убави предмети“, кажа амбасадорот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира