Документарецот „Медена земја“, дебито на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, е вброен меѓу најдобрите филмови на годината според весникот „Њујорк тајмс“. „Медена земја“ е на прво место според изборот на реномираниот критичар на „Њујорк тајмс“ А. О. Скот, кој во образложението вели:
„Зачнат како владино-спонзорирано информативно видео, овој документарец не е ништо помалку од востановен еп, алегорија за животната средина од вистинскиот живот, и, не помалку, боцкава комедија за вечниот проблем сo терсене соседи“.
На листата на Скот, меѓу неговите топ 10 најдобри на годината се и „Ирецот“ на Мартин Скорсезе, „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино и корејскиот „Паразит“ на Бонг Јон-хо.
Своја листа на најдобри десет филмови има и реномираната критчарка на „Њујорк тајмс“ Манола Дарџис. „Медна земја“ не е кај неа меѓу топ 10, но е во поширокиот нејзин избор најдобри.
„Медена земја“ исто така вечерва ја освои и наградата за најдобар документарец на Здружението на филмски критичари на Њујорк.
Филмот за фасцинантниот живот Атиџе Муратова која одгледува диви пчели во забито село во Овчеполието, минатиот месец беше номиниран меѓу петте документарци за престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit), која е предвесник на Оскарите. Ова е и првиот документарец кој е македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм.
Исто така, освoи и номинација за најдобар документарец за Европските филмски награди, а дали ќе ја добие наградата ќе се знае на доделувањето в сабота во Берлин.