БУГАРИЈА ДАДЕ 80.000 ЕВРА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЧИЛИШТА ВО ПЕЛАГОНИЈА, А УЧЕНИЦИТЕ ЈА ИСПЕАЈА „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ“

    БУГАРИЈА ДАДЕ 80.000 ЕВРА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЧИЛИШТА ВО ПЕЛАГОНИЈА, А УЧЕНИЦИТЕ ЈА ИСПЕАЈА „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ“Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов рече дека ова е дел од нивната програма за поддршка на Северна Македонија и ќе помагаат во образованието за да можат децата да учат во нормална и модерна средина. (Фото: СДК.МК)

    Бугарија даде над 80 000 евра за реконструкција на три училишта во Пелагонија. Дел од  учениците на бугарската делегација им ја испеаја песната „Македонското девојче китка шарена“.

    Република Бугарија донираше 45.000 евра за реконструкција на покривот од подрачното училиште „Славко Лумбарковски“ село Бач, во Општина Новаци и за комплетна реконструкција на внатрешниот дел од спортската сала. Градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски, рече дека и тие дале 9.500 евра општински средства за овој зафат, со што се обновиле околу  500 квадратни метри од покривот и 400 од спортската сала. Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов рече дека ова е дел од нивната програма за поддршка на Северна Македонија и ќе помагаат во образованието за да можат децата да учат во нормална и модерна средина.

    Бугарија даде помош и од 40.000 евра за реконструкција на подрачните училишта „Гоце Делчев“ во селата Чарлија и Радобор, општина Могила. Чарлија е еден од ретките примери во Пелагонија каде наталитетот бележи нагорен тренд. Ако до пред десетина години имаше само еден ученик, денес во школото настава посетуваат девет ученици.

    „Не случајно се одбара училиштето во Чарлија за да се вложат средствата од донацијата. Селото има наталитет, а општина Могила не подлежи на миграција, луѓето остануваат тука“, рече Јасмина Гулевска, градоначлник на Могила.

    Бугарскиот министер за здравство Ќирил Ананиев рече дека знаат оти има уште многу нешта кои треба да се направат, а тие како една пријателска држава ќе се потрудат да ја продолжат поддршката за Република Северна Македонија.

    „Имаме тригодишна програма за помош за развој и хуманитарна помош, се надевам дека ќе искординираме добри нешта и ќе продолжиме да помогаме. Училиштето е храм каде нашите деца се збогатуваат со знаења, умеења, историја и традиции со кои не обврзаа нашите дедовци“, рече Ананиев.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира