Премиерот Зоран Заев смета дека 5-те илјади амандмани поднесени од ДУИ во Собранието за предложените измени на Изборниот законик со што би се вовела една изборна единица се лоша порака која ја праќа коалициониот партнер во Владата. Заев кажа дека ваквиот чекор на ДУИ е причина за СДСМ сериозно да размисли околу коалицијата.
„Кажете ми вие што да помислам кога партнерот во Владата поднесува 5.000 амандамни, а знае дека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ поднеле 9.000 амандмани. Ова е сериозна причина за сериозни размислувања, кои СДСМ ќе ги отвори. Ние веруваме во една изборна единица, нашиот коалиционен партнер ДУИ не верува. 5.000 амандмани е навистина лоша порака, кој и да е, премногу е“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на стартот на реконструкцијата на Пластичарска улица во Скопје.
Заев кажа дека амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за Академија за судии и обвинители и за Јавнообвинителска служба, кажува дека тие знаат дека и понатаму ќе останат во опозиција.
Претходно во Собранието, пратеничката од ДОМ Лилјана Поповска, која е една од иницијаторите за измени на Изборниот законик, ги повика ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да ги повлечат амандманите и да седнат заеднички да се договорат за да се донесе законот со кој би имало една изборна единица, место шест како досега.
Таа рече дека има поддршка од СДСМ за законските измени и дека немаат намера да го повлечат предлогот.
А. АНТЕВСКА