СВЕЧЕНОСТ ВО МАНУ И СРЕДБА НА ФИЛМАЏИИТЕ ВО КИНОТЕКА ВО ЧЕСТ НА 25-ГОДИШНИНАТА ОД ПРЕМИЕРАТА НА „ПРЕД ДОЖДОТ“

    СВЕЧЕНОСТ ВО МАНУ И СРЕДБА НА ФИЛМАЏИИТЕ ВО КИНОТЕКА ВО ЧЕСТ НА 25-ГОДИШНИНАТА ОД ПРЕМИЕРАТА НА „ПРЕД ДОЖДОТ“„Пред дождот“ е класик од Македонија, кој е вброен во 1.000 најдобри филмови во историјата од „Њујорк тајмс“. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, за филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-на јазици во светските медиуми, а уште игра во кинотечните и фестивалските програми. (Фото: Архивска фотографија)

    Со два настана посветени на „Пред дождот“, првенецот на режисерот Милчо Манчевски, утре во Скопје ќе се одбележи 25-годишнината од премиерата на најуспешниот игран филм во македонската кинематографија.

    Во 12 часот во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), ќе има свеченост на која ќе говорат академик Таки Фити, претседател на МАНУ и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката. Видеообраќање ќе има и проф. д-р Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ. Свои излагања за „Пред дождот“ ќе презентираат и дописниот член на МАНУ проф. д-р Марјан Марковиќ, на тема „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во филмскиот опус на Милчо Манчевски“ и проф. д-р Славица Србиновска, на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.

    Покрај Златниот лав, „Пред дождот“ доби уште триесетина награди на светските фестивали, а беше и првиот македонски филм номиниран за Оскар во категоријата најдобар странски филм, станувајќи најнаградувано дело во историјата на македонската кинематографија и едно од најголемите достигнувања на македонската култура воопшто. (Фото: Колаж од архивски фотографии)

    Во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажана 35-милиметарска копија од „Пред дождот“ која Манчевски неодамна ја депонираше во филмскиот архив на Кинотеката,  а ќе биде промовирана и мапа со репродукции од плакати од светската дистрибуција на филмот.

    „На оваа вечерна средба, покрај проекцијата и промоцијата, се надеваме дека по четврт век повторно ќе се собере дел од екипата на ‘Пред дождот’, ќе разменат свои спомени и искуства од заедничкото учество во проектот кој прерасна во нешто поголемо од само ‘уште една филмска продукција’. Актерот Раде Шербеџија, кој го толкуваше главниот лик во филмот (Александар Кирков) веќе го потврди своето присуство на овој исклучителен настан“, вели Кинотеката, која ја организира прославата во соработка со МАНУ и Филмскиот центар „Вардар филм“.

    Премиерата на „Пред дождот“ беше на 6 септември 1994 на Филмскиот фестивал во Венеција, а на 12 септември Манчевски го доби Златниот лав. Потоа следеа уште триесетина награди на светската фестивалска мапа. Филмот беше и номиниран за Оскар во категоријата најдобар странски филм, и со тоа стана најнаградуван филм во историјата на македонската кинематографија.

    „Пред дождот“ е класик од Македонија, престижниот „Њујорк тајмс“ го стави на листата на 1.000 најдобри филмови во историјата. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, за филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-на јазици во светските медиуми, а уште игра во кинотечните и фестивалските програми.

    Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги играат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски. Музиката е на групата „Анастасија“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира