ГРАЃАНИ СЕ СТЕПАА НА ЈАВНАТА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ПЛАНОТ ЗА ТРНОДОЛ

    ГРАЃАНИ СЕ СТЕПАА НА ЈАВНАТА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ПЛАНОТ ЗА ТРНОДОЛПолиција интервенираше кога две групи се степаа првин меѓу себе, а после нападнаа и вработен во Општина Карпош кој беше дојден да го презентира планот за Трнодол. (Фото: СДК.МК)

    Граѓани се степаа на денешната јавна презентација на Деталниот урбанистички план (ДУП) за населбата Трнодол во Скопје.  Две групи се степаа првин меѓу себе, а после нападнаа и вработен во Општина Карпош кој беше дојден да го презентира планот.

    Јавната презентација не ни почна и уште од самиот старт жителите на Трнодол обвинуваа и викаа дека во салата има присутни партиски лица коишто не се жители на Трнодол и немаат никаква врска со проблемите со кои тие се соочуваат.  Уште на почетокот, на висок тон се бараше од претставникот на Општината Горан Павлов да се одложи јавната презентација, бидејќи нема услови во малата просторијата со над стотина присутни.

    Во еден момент настана мешаница и тепачка меѓу повеќе лица, а беше и нападнат и претставникот на Општината Карпош Горан Павлов. (Фото: СДК.МК)

    На висок тон разговараа едни со други и се обвинуваа дека се партиски членови, по што жителите на Трнодол почнаа да им се обраќаат и на лицата кои, како што велат, не се нивни комшии, и прашуваа што бараат на презентацијата. Во еден момент настана мешаница и тепачка меѓу повеќе лица, а беше и нападнат и Павлов. Во тепачката меѓу двете групи паднаа и боксови.

    Веднаш беше повикана полиција, која во зеде изјави од присутните. Јавната расправа беше прекината и нема датум кога ќе се одржи.

    Павлов рече дека е тука само како претставник на Општината и дека не е до него дали ќе се повлече планот и не знае зошто е нападнат.

    Жителите на Трнодол велат дека не даваат дозвола да се донесе тој план. Тие бараат градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев да го повлече Деталниот урбанистички план за дел од Трнодол и да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје како што се брдата под Трнодол и Жданец. Со планот во Козле се предвидуваат да се градат три згради, за кои Богоев вели дека се предвидени уште со претходниот план и се на приватно земјиште.

    Богоев вели дека над Трнодол и Жданец нема да се гради никаква нова населба, ниту ќе се дозволи лизгање на земјиштето.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира