БОГОЕВ ДА ГО ПОВЛЕЧЕ ДУП-ОТ ЗА ТРНОДОЛ И ДА ПРОГЛАСИ МОРАТОРИУМ ЗА ГРАДБА, БАРААТ ГРАЃАНИТЕ ПРЕД УТРЕШНАТА ЈАВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА

    БОГОЕВ ДА ГО ПОВЛЕЧЕ ДУП-ОТ ЗА ТРНОДОЛ И ДА ПРОГЛАСИ МОРАТОРИУМ ЗА ГРАДБА, БАРААТ ГРАЃАНИТЕ ПРЕД УТРЕШНАТА ЈАВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈАДоколку планот не биде повлечен, граѓаните најавуваат протести. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев да го повлече Деталниот урбанистички план за дел од Трнодол и да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје како што се брдата под Трнодол и Жданец, бараат жителите на оваа скопска населба. Доколку планот не биде повлечен, граѓаните најавуваат протести.

    „Истражувањето од 2010 година нарачано од Општината покажало дека населбата Трнодол лежи на потенцијално нестабилна почва. Затоа, задача на Општината е да го заштити брдото со пошумување, зацврсти со шипови, да го регулира течењето на водите во каналите и заштити од ерозија со ново пошумување бидејќи во овој потег има преку 120 исушени дрвја, како и да преиспитаат сомнителните потпорни ѕидови под брдото позади двете веќе изградени згради на улица Козле“, велат жителите на Трнодол.

    Со планот во Козле се предвидуваат да се градат три згради, за кои Богоев вели дека се предвидени уште со претходниот план и се на приватно земјиште.

    Граѓаните бараат забрана и за било какво градење во парк шумата Водно, над нивните населби. Бараат Град Скопје да донесе нов Регулацискиот план. Со постоечкиот  кој населбата Трнодол е поделена на два дела и еден дел е споен во Шпанско село.

    „Веќе е поднесена претставка пред Уставен суд за преиспитување на носење на новиот Регулациски план донесен во јуни 2018 година од страна на Град Скопје и каде на чуден начин е поделена населбата и споена со т.н. Шпанско село, а се со цел да може да се издејствува помала густина на населението. На тој начин ќе може да се вцртуваат нови градби, без ограничувања и без да се запазат законските нормативи за сообраќај и живеење“, велат жителите.

    Јавната презентација на планот е закажана за утре во 15.30 часот, но граѓаните бараат таа да биде после 18 часот, кога сите жителите после завршување на работните обврски ќе можат да присуствуваат на неа.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари