БАРАМЕ ПЛАНОТ ЗА ТРНОДОЛ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОТИ НИШТО НЕ Е НАПРАВЕНО ДА СЕ СПРЕЧАТ НОВИ ЗГРАДИ И ЛИЗГАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ

    БАРАМЕ ПЛАНОТ ЗА ТРНОДОЛ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОТИ НИШТО НЕ Е НАПРАВЕНО ДА СЕ СПРЕЧАТ НОВИ ЗГРАДИ И ЛИЗГАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕСпоред граѓаните, градењето на нови три згради во делот од населбата Козле, во подножјето на Водно, каде се наоѓа одводен канал, ќе предизвика дополнително лизгање на земјиштето.(Фото: СДК.МК)

    Жителите на Трнодол и понатаму се незадоволни од новиот Детален урбанистички план (ДУП) за дел од Трнодол и велат дека градоначалникот Стефан Богоев лаже оти се сите нивни забелешки се вметнати во планот. Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев во средата на презентација на планот пред новинари кажа дека направени се измени според барањата на граѓаните, а тие денеска преку писмо реагираа дека се исполнети само две нивни барања.

    Направена е измена во катноста односно наместо приземје, два ката и поткровје, вратена е на постоечката висина приземје, еден кат и поткровје. Второ прифатено барање е влезот во Трнодол да не се затвора и тој да биде зеленило. Но, велат голем број забелешки кои ќе спречат лизгање на земјиштето и не дај боже голема катастрофа не се земени в предвид. Според нив, градењето нови три згради во делот од населбата Козле, во подножјето на Водно каде се наоѓа одводен канал, ќе предизвика дополнително лизгање на земјиштето.

    Граѓаните на градоначалникот Богоев му презентирале геомеханички испитувања направени во периодот од 2004 до 2010 година, каде било констатирано дека постои можност за лизгање на големи слоеви земја и дека е потребно зацврстување на брдото со шипови, да се направи интервенција околу движењето на водата и пошумување на целиот заштитен зелен појас.

    „Доколку овие препораки не бидат земени в предвид, поскоро  постои можност за  голем број на човеки жртви и уништување на имотот во Козле и Трнодол“, велат жителите.

    „Бараме да не се врши поделба на населбата на два дела и спојување на тие делови со Шпанско село и Жданец врз основа на спорен Регулациски план. Да не се предвидува сообраќајница низ населбата Трнодол. Да не се предвидуваат висококатници за колективно домување под ридот на кој е позиционирана населбата со кои дополнително би се загрозила стабилноста на земјиштето и би се зголемила густината на населението без соодветно обезбедени градинки, училишта, болници и паркови и без да се земат во предвид  геомеханичките  испитувања на теренот. Општината треба што побрзо да издвои средства за санирање и зацврстување на брдото, а дури потоа да направи било каково  планирање на просторот, или  дозвола за градење во подножјето на Водно“, се вели во писмото од жителите на Трнодол.

    Јавната анкета на планот е почната денеска и ќе трае до 27 декемри, а јавна презентација е закажана за 17 декември во 15.30 часот. Граѓаните бараат од Богоев да се повлече спорниот ДУП и да донесе одлука за стопирање на било какви градби и издавање дозволи во овој дел на Водно. Од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов бараат да се подготви нов регулациски план, елаборат и реализација на конкретни мерки за дополнителна заштита на Водно од поплави и лизгање на земјиштето.

    Според планот, згради се предвидени во населбата Козле. Станува збор за три згради за кои градочалникот  Богоев рече дека тие биле предвидени и со претходниот план и се на приватно земјиште.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира