НЕМА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАТНОСТА ВО ТРНОДОЛ, НОВА ЈАВНА АНКЕТА ЗА ДУП-ОТ ОД 13 ДЕКЕМВРИ, ВЕЛИ БОГОЕВ

    НЕМА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАТНОСТА ВО ТРНОДОЛ, НОВА ЈАВНА АНКЕТА ЗА ДУП-ОТ ОД 13 ДЕКЕМВРИ, ВЕЛИ БОГОЕВ„Нашата цел е со овој план да спречиме дебармализација и затоа го ограничивме бројот на станбени единици за домување во станбена куќа на четири станбени единици, а постојниот план овозможуваше неограничен број на станови“, рече градоначалникот Богоев. (Фото: Општина Карпош)

    Од петок до 27 декември ќе се одржи нова јавна анкета за Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска  четврт Ј03, блок 7, за делот околу Трнодол. Откако граѓаните на населбата Трнодол имаа низа забелешки за планот кој во август беше ставен на увид и бараа нова јавна анкета и презентација, направени се измени и даден дополнител рок за граѓаните да видат што се предвидува со него.

    Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев денеска на брифинг со новинарите го презентираше планот и како што кажа, по неколку средби со граѓаните земени се во предвид нивните забелешки. Закажана е нова јавна презентација на 17 декември во 15.30 часот, а планот ќе биде на увид со продолжено време односно секој работен ден од 8 до 18 часот.

    „Во однос на забелешките дека не сакаат зголемување на катноста од приземје, два ката и поткровје ги прифативме нивнита барања да остане приземје, еден кат и поткровје. Нашата цел е со овој план да спречиме дебармализација и затоа го ограничивме бројот на станбени единици за домување во станбена куќа на четири станбени единици, а постојниот план овозможуваше неограничен број на станови. Ние предложивме зголемување за еден кат, бидејќи претходното раководство со измени само на дел од планот за Трнодол предвидел приземје два ката и поткровје. Сакавме да им овозможиме на сите исти услови, но штом не сакаат, ги прифативме нивните забелешки и останува постојната состојба“, вели градоначалникот Стефан Богоев.

    Во однос на просторот меѓу патот за Трнодол и патот за Жданец, Богоев вели дека никогаш не се предвидувало да се гради зграда, како што велеле граѓаните. За тој дел, кој сега е див паркинг, намената била Д1 зеленило, но сега поради барање на граѓаните е ставена намена Д2 заштитно зеленило.

    „Јас за овој дел ветив во мојата кампања парк и така ќе биде. Лажни вести се дека ќе има зграда“, додаде Богоев.

    Останува истата сообраќајна стуктура во делот на улиците односно не се предвидува затворање на улица. Во однос на мостот кој е предвиден со Генералниот урбанистичли план (ГУП) и постои во планот веќе 20 години, Богоев вели дека од Град Скопје им било ветено на граѓаните оти нивните барања ќе бидат земени во предвид при носењето на планот и дека тој мост нема никаква функција, бидејќи Јужната обиколница ќе се избрише од ГУП-от.

    Во делот на планот кој го опфаќа Козле, маркичките за три згради се предвидени со претходниот план и тие се на приватно земјиште. Богоев вели дека сега ја намалиле катноста на три и четири ката.

     А. АНТЕВСКА
    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира