ЛАЖНА ВЕСТ Е ДЕКА ЌЕ ИМА НОВА НАСЕЛБА НАД ТРНОДОЛ, НИТУ ЌЕ ДОЗВОЛИМЕ ЛИЗГАЊЕ НА БРДОТО, ВЕЛИ БОГОЕВ

    ЛАЖНА ВЕСТ Е ДЕКА ЌЕ ИМА НОВА НАСЕЛБА НАД ТРНОДОЛ, НИТУ ЌЕ ДОЗВОЛИМЕ ЛИЗГАЊЕ НА БРДОТО, ВЕЛИ БОГОЕВБогоев рече дека јавната анкета и презентација за ДУП-от е закажана сега, бидејќи токму тоа биле барањата на граѓаните кога во август беше прекината.(Фото: Општина Карпош)

    Над Трнодол и Жданец нема да се гради никаква нова населба, ниту ќе дозволиме лизгање на земјиштето, вели градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев откако жителите побараа повлекување на Деталниот урбанистички план (ДУП) и воведување мораториум за градба во тој дел.

    Богоев вели дека до лизгање на земјиштето не може да дојде бидејќи идните инвеститори се задолжени пред да добијат градежна дозвола да направат геомеханички испитувања и да постават шипови, како што барале граѓаните.

    „Во посебните одредби на ДУП-от, во текстуалниот дел се ставени задолженија за сите идни инвеститори да направат геомеханички испитувања на брдото, не само на нивната парцела, туку и на околината и согласно геомеханичките испитувања да мораат да преземат чекори. Тоа подразбира поставување шипови, потпорни ѕидови и слично. Таман работа да дозволиме да има таму некаква несреќа. Тоа се невистини. Мене ми е жал што се шири информација дека ќе се гради нова населба над Трнодол и Жданец. Тоа е лажна вест, бидејќи Предлог-планот воопшто не го третира делот над Трнодол и Жданец. Тоа создава сомнеж кај мене дека има некаква политичка или лична позадина и интерес од некои од граѓаните кои таму се појавуваат како организатори“, рече Богоев.

    Тој рече дека јавната анкета и презентација за ДУП-от е закажана сега, бидејќи токму тоа биле барањата на граѓаните кога во август беше прекината.

    „Тие побараа средба со мене, на која претставниците од Трнодол беа согласни со ова што сега го има во Предлог-планот односно го потпишаа записникот. Голем дел од граѓаните кои беа вклучени  во средбите, беа стручни на темата урбанизам, а сега се повлекоа од таа група оти ги почувствуваа тие манипулации кои се случуваат во позадина. Апелирам до граѓаните, нема зошто да се грижат. ДУП-от не се гласа утре. Сега е во тек јавна анкета и презентација, на која граѓаните можат да пополнат анкетни листови со нивни забелешки“, додаде Богоев.

    Во однос на барањеto до Град Скопје населбата Трнодол да не биде во ист Регулациски план со т. н. Шпанско село, градоначалникот Петре Шилегов вели дека не се предвидени никакви поместување во делот на развиена градежна површина или зголемување на број на жители.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари