Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) најави штрајк на 24 декември со траење од еден ден, поради, како што велат, непотпишување на колективен договор со Министерството за култура.
„Штрајкот ќе се одвива во просториите на установите и значи целосен прекин на работата на вработените носители на дејност, помошно-технички персонал и административен кадар. Штрајкот е од предупредувачки карактер и ќе трае еден ден, а по завршувањето на новогодишните празници ќе се радикализира и ќе трае до целосно исполнување на нашите барања“, вели Советот на СКРМ.
Оттаму велат дека до вчера чекале одговор од Министерството за доставената намера за штрајк, и бидејќи не добиле одговор, одлучиле да ја активираат последната правна алатка.
„Ги повикуваме сите вработени да ни се приклучат, а директорите на институциите да застанат во одбрана и поддршка на нашата борба за остварување на нашите работнички права. Културата е темелна вредност на секоја држава и таа не смее да биде маргинализирана, игнорирана и понижена“, вели СКРМ.
СКРМ на крајот на ноември најави штрајк за на 16 декември, откако, како што рекоа тогаш, ненадејно прекинала работата на работната група за изготвување на Предлог колективен договор. Од Министерството за култура демантираа дека е прекината работата на групата за потпишување на колективниот договор и дека разговорите ќе продолжат. Премиерот Зоран Заев тогаш кажа дека работата на работната група е запрена оти од Синдикатот е побарано прво да ги нивелира и класифицира работните места.
„Ние сакаме да склучиме колективен договор до крајот на годината. Финансискиот дел во предлог буџетот е генерално обезбеден. Проблемот е посуштински. Бараме од Синдикатот да ги нивелираат, класифицираат и воедначат работните места, за да нема ситуации кога некој со пониско образование ќе добива повисока плата. Треба да се знае колку е платата на едно работно место и колку се добива дополнително во зависност од институцијата. Тоа треба да се договори меѓу партнерите: Министерството за култура и Синдикатот“, кажа Заев.
Советот на СКРМ потсетува дека вработените во културата не бараат покачување, туку уредување на платите и правична валоризција на трудот по основ на колективен договор кој не е уреден 15 години.
На 8 октомври вработените во културните институции излегоа на протестен марш насловен „Колективен сега“, за кој рекоа дека е предупредувачки штрајк. Премиерот Заев на 24 октомври се сретна со претседателката на СКРМ, Сања Арсовска, по што таа кажа дека има позитивна реакција од министерот за потпишување на колективниот договор до крајот на годината.
Б. НЕСТОРОСКА