Средни училишта во Скопје утрово се соочија со бојкот на наставата во пресрет на денешниот втор протест против преголемото загадување на воздухот, што ќе се одржи вечерва.
Место во училниците, средношколците се собраа во дворовите на своите училишта, иако граѓанското здружение „Fridays For Future Skopje“ вчера објави дека директори на средни училишта им вршеле притисок да не излегуваат на бојкот и да не учествуваат во маршот за чист воздух.
„Имаме добиено пријави, но засега не можам да кажам колкава е нивната бројка. Пријавите најчесто се однесуваат на притисоците што доаѓаат од раководните позиции во училиштата. Конкретно, оттаму се закануваат дека без разлика колку часови отсуствуваат од наставата, на учениците ќе им се пише како да не биле на училиште цел ден. Пријавите се анонимни, па не можеме да кажеме од кои училишта се“, ни рекоа од Младински образовен форум, кој отвори телефонска линија (02 3139692) за пријавување на притисоци и закани поврзани со најавениот бојкот.
Со почеток во 17 часот, денеска во Скопје ќе се одржи втор марш за чист воздух, повторно во заедничка организација на 30-ина граѓански здруженија од целата земја. Собирната точка е пред Министерството за животна средина, па преку Собранието ќе се стигне до Владата. На првиот марш, што се одржа пред неполн месец, излегоа неколку илјади граѓани.
Г. КОНЕВ