Скопскиот градоначалник Петре Шилегов донесе решение за разрешување на директорката на гимназијата „Никола Карев“ Горица Илиовска, откакo таа утринава им се закануваше со последици на ученици кои се приклучија на бојкотот на наставата како дел од денешниот протест против загадувањето и глобалното затоплување, соопштија од Град Скопје.
„Градот Скопје им укажува на сите раководители на своите институции дека во својата секојдневна работа треба да ги исполнуваат принципите според кои се избрани како почитувањето на правото на слободно мислење, правото на протест и демократскиот натпревар на идеи. Оваа градска администрација стои зад сечие право на протест и слободно мислење и во неа нема место за закани кон средношколците и нивното демократско право на собир и протест“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Од Град Скопје додаваат дека правото на здрава животна средина е неприкосновено право, исто како и правото да се протестира за истото и дека битката против климатските промени и за чистиот воздух мора да биде заедничка, на институциите, но и на граѓаните.