Поранешниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски, кој е сопруг на поранешната заменик-министерка за правда од ВМРО-ДПМНЕ Билјана Бришкоска Бошковски, за Злоупотреба на службената положба и овластувањата, неправосилно доби затворска казна од три години во предметот „Тарифа“. Пресудата утринава ја изрече судија Софче Гаврилова од Основниот суд Скопје 1.
Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорговски, ресорни раководители во АД ЕЛЕМ (сега АД ЕСМ), обвинети за 4 дела Злоупотреба на службената положба и овластувањата, исто така, се осудени на затворски казни од по 3 години за секој од нив.
Дејан Бошковски на 12.12.2014 година со анекс на договорот за набавениот неинсталиран софтвер, без тендер исплатил 159.000 евра пари на ЕЛЕМ за одржување на системот, кој не бил имплементиран.
Ѓорговски и Стојменовски се ослободуваат од обвинението дека како координатори на проектот одобриле незаконски средства за одржување на електронскиот систем во АД ЕЛЕМ.
Но, двајцата се виновни за други кривични дела злоупотреби во врска со набавката. Виновен е и Бошковски за Злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Ѓорговски и Стојменовски се задолжуваат да му ја надоместат штетата на АД ЕСМ, и тоа Ѓорговски 20 илјади евра и Стојменовски 30 илјади евра во рок од три месеци по правосилноста на пресудата.
С. К. ДЕЛЕВСКА