Игор Џамбазов напишал песна за една од неговите најголеми љубови која починала пред три години и таа приказна ја раскажа на снимањето на емисијата „Еден на Еден“ со Жаре, но за жал тој дел не влегол во емисијата што ќе се емитува на телевизија, изјавија од продукцијата.
Познатиот актер и шоумен, на водителот на шоуто му откри дека песната „Шал“ ѝ ја посветил на скопјанката Тања Кочишка со која бил во врска пред триесетина години.
„Има една песна, се вика шал. Тоа е песна за една од моите најголеми љубови која пред три години го напушти овој свет. Ќе ја кажам приказната што никогаш до сега не сум ја кажал. Се викаше Тања Кочишка, беше една од најубавите жени што до сега воопшто Скопје ги имало. Песната е направена во време кога таа и јас започнувавме врска. Така некако се испраќавме, и песната се случи во една студена скопска зимска ноќ кога јас и таа во знак на некоја наша иднина си ги разменивме шаловите. Јас ѝ дадов еден машки шал, а таа ми даде еден шарен женски шал што јас, иако беше женски, го носев најмашки на свет. И ете, од таа наша прва средба, стиснати во влезот настана таа песна“, раскажа Џамбазов за својата прва љубов која живеела во населбата Карпош во близина на Драмскиот театар во Скопје каде што тој тогаш работел.
Песната наскоро ќе се промовира, Игор за неа напишал текст и музика, а аранжманот го направил Никола Перевски- Пере, неговиот пријател од групата „Нокаут“.