АДВОКАТСКАТА КОМОРА, МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ГИ ИСТРАЖАТ ЗАКАНИТЕ УПАТЕНИ КОН ПОРОТНИЧКАТА ОД СТРАНА НА ДЕЛ ОД АДВОКАТИТЕ ВО „ТНТ“, ПОБАРА КРИВИЧНИОТ СУД

    АДВОКАТСКАТА КОМОРА, МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ГИ ИСТРАЖАТ ЗАКАНИТЕ УПАТЕНИ КОН ПОРОТНИЧКАТА ОД СТРАНА НА ДЕЛ ОД АДВОКАТИТЕ ВО „ТНТ“, ПОБАРА КРИВИЧНИОТ СУДСледното рочиште за „ТНТ“ за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски е закажано за 13 јануари. - Од судењето за „ТНТ“ на 24 декември (Фото: СДК.МК)

    Основниот кривичен суд Скопје побара од надлежните институции, како Адвокатската комора, МВР, но и Обвинителството да преземат соодветни мерки и да ги истражат елементите на закани и притисоци упатени кон судот и судијата-поротник во предметот „ТНТ“ со цел да ја заштитат независноста и непристрасноста во судското постапување.

    Соопштението на Кривичниот суд доаѓа откако Јовица Страшовски, адвокат на обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, испрати писмо до Судскиот совет да свика итна седница за пензионирање на поротничката Лилјана Ивановска Кочковска, а потоа со писмо ја предупреди поротничката дека ако се појави на судење ќе направи кривично дело.

    Според Кривичниот суд, станува збор за де факто закани и притисоци.

    „Зачудува фактот што јавните закани-притисоци се генерирани од поединци кои се странки во судска постапка. Изненадува нивниот неетички и непрофесионален однос кој е без почит кон судот и е надвор од надлежностите на еден адвокат-бранител на обвинет. Притисок/закана со поднесување на кривична пријава кон судски поротник, кој активно учествува во водењето на судската постапка и учествува во носењето на одлуката, е сериозен акт и класичен пример на атак врз независноста и непристрасноста на судското одлучување, дотолку повеќе што во конкретниов случај заканата е генерирана од адвокат кој е учесник во истиот судски предмет во кој постапува нападнатиот судија – поротник“, велат од Кривичниот суд.

    Од Кривичниот суд велат и дека судијата-поротник ја извршува својата функција сè додека не биде разрешен од страна на Судскиот Совет, што е во согласност со Законот за судовите. Од судот имаат доставено барање до Судскиот совет да се продолжи мандатот на конкретниот судија-поротник, бидејќи, како што се вели во соопштението, нелогично е и неиздржано е поротник кој 2,5 години посветено учествувал во судската постапка, да се разреши поради протек на мандат, кое нешто би иницирало постапката да почне одново.

    За барањето на Мерџан Даути, адвокат на обвинетата Елисавета Најдовска, кој инсистира да му биде преведен на албански јазик целиот предмет, од Кривичниот суд велат дека има една и единствена цел, а тоа е да се избегне вршење на опструкција во работата на судските предмети, кои се во завршна фаза и оневозможување да се одолговлечат судските постапки, во смисла на повторување или застарување на истите.

    Следното рочиште за „ТНТ“ за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски е закажано за 13 јануари. При смена на поротник, судењето се враќа на нула, на воведени зборови и изјаснување за вина. Сè што било работено овие две и пол години, не важи, треба да се повтори и изведе како за првпат.

    Во „ТНТ“, првообвинет е избеганиот во Унгарија Никола Груевски, кој нареди да му биде уништен со експлозив објектот „Космос“ на Цаноски, затоа што во 2011 година ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.

    Исто така денеска, Судскиот совет го осуди однесувањето на адвокатот Јовица Страшeвски.

    „Судскиот совет на РСМ го осудува однесувањето на адвокатот Јовица Страшовски бранител на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, во случајот ТНТ кој јавно им се заканува на судијата-поротник, претседателот на Основниот кривичен суд Скопје и на претседателот и членовите на Судскиот совет. На овој начин адвокатот Страшовски покрај улогата на бранител, настојува да ја менаџира постапката во случајот ТНТ, да ја превземе и улогата на судија, спротивно на принципот на владеење на правото чиј сегмент е и принципот на судење во разумен рок. Судскиот совет не може да се меша во менаџирањето со предметите но е заинтересиран постапките да се завршат без одовлекување во разумен рок“, соопштија од Судскиот совет.
    Оттаму најавија дека дека за барањето на претседателот на Основниот кривичен суд Скопје за продолжување на мандатот на судија-поротник ќе се одлучува на седница на 27 јануари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира