Принцот Хари кажа дека е тажен што мораше да се повлече од своите кралски должности, но и додаде дека немало друго решение, бидејќи се водел од срцето.
Во своето прво јавно обраќање откако ја шокираше Бакингамската палата со ненајавеното повлекување, Хари вели дека било невозможно да продолжи да ѝ служи на кралицата.
„Имам огромна почит кон баба ми. Ние се надевавме дека ќе можеме да продолжиме да им служиме на кралицата и на Комонвелтот без јавни средства, но, за жал, тоа беше невозможно. Не беше лесно да се донесе оваа одлука, но немаше друга опција“, кажа Хари за време на добротворен настан во Лондон.
Зборувајќи „не како војвода или принц, туку како Хари“, тој кажа дека во Меган ги пронашол среќата и љубовта што ги барал цел живот.
„Сакам да ми верувате дека жената која ја избрав за моја сопруга ги дели истите вредности како мене. И така е. Ова не менува кој сум и на кого сум посветен. Сакам да ме разберете дека ова е чекор напред кон она што се надевам дека ќе биде посреќен живот“, кажа Хари.
Се очекува Хари во наредните денови да им се придружи на Меган и синот Арчи во Канада, каде што ќе го поминуваат поголемиот дел од времето.
Според договорот објавен во саботата, Хари и Меган ќе ги задржат титулите војвода и војвотка од Сасекс, но веќе нема да примаат јавни средства. Хари ќе мора да се откаже и од своите почесни воени титули, како генерал капетан на Кралската морнарица.