РУСИЈА Е НАЈГОЛЕМ НАДВОРЕШЕН ИЗВОР НА ДЕЗИНФОРМАЦИИ, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНАТА ФОНДАЦИЈА ЗА ДЕМОКРАТИЈА

    РУСИЈА Е НАЈГОЛЕМ НАДВОРЕШЕН ИЗВОР НА ДЕЗИНФОРМАЦИИ, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНАТА ФОНДАЦИЈА ЗА ДЕМОКРАТИЈАВо истражувањето на НЕД се вели дека Кремљ наметнува влијание преку државните медиуми како ’Спутник‘, Руската православна црква, руските бизнисмени активни на Балканот и блиските врски со српските власти. - Од гласањето на референдумот за името во септември 2018 (Фото: СДК.МК)

    Иако најголем дел од дезинформациите во Северна Македонија доаѓа од домашни извори, ново истражување покажа дека има и наплив на дезинформации преку границите меѓу балканските земји и дека Русија е водечки извор на дезинформации од надвор во регионот. Станува збор за истражувањето „Побарувачка за измама: Како начинот на кој размислуваме поттикнува дезинформации“ на Семјуел Вули и Кејти Џозеф, објавено од Националната фондација за демократија (НЕД) од САД.

    Истражувањето се фокусира врз побарувачката на дезинформации и го поставува прашањето зошто има и такви консументи на вести кои одново и постојано бараат и им веруваат на изворите на дезинформации, одбивајќи другите информативни медиуми, а како конкретни примери во истражувањето се земени Мексико и Северна Македонија.

    „Москва намерно поттикнува етнички тензии за да охрабри дестабилизација, а истовремено промовира и неполитички дезинформации, како идејата дека вакцините се опасни во Северна Македонија, со цел да се шири страв и недоверба кон владините институции. Кремљ наметнува влијание преку државните медиуми како ’Спутник‘, Руската православна црква, руските бизнисмени активни на Балканот и блиските врски со српските власти и лидерите на етничките Срби во БиХ“, се вели во истражувањето.

    Според истражувањето, политичките настани што се случија во Северна Македонија во 2018 година служат како корисен поглед на поттикнувачите на дезинформации на Балканот. Во истражувањето како пример се потенцира референдумот за името во септември 2018.

    „Во месеците пред референдумот, се појавија Фејсбук страници и Твитер профили за поддршка на бојкот на референдумот, ширејќи лажни вести за НАТО и за Западот, со провокации за интеретничките односи во земјата, која што има големо албанско малцинство. Со одвратни фотографии лажно се прикажуваше дека полицијата тепала жени кои биле против референдумот, искористувајќи ги чувствата на граѓаните да се шират гласини и дезинформации. Други страници го израмнуваа гласањето на референдумот со учество во фашизам и нацизам, на пример со споделување на фотографија на германската канцеларка Ангела Меркел со мустаќи во стилот на Хитлер и со текст: ’Бојкотирајте го геноцидот на македонскиот народ‘. Ваквите објави имаа неколку илјади лајкови и интеракции, што е значителна бројка во земја со само два милиони жители“, заклучуваат авторите.

    Во истражувањето се споменува и руско-грчкиот милијардер Иван Савидис како руско прокси, но се вели дека дезинформациите што најлесно можат да ѝ се припишат на Москва доаѓаа од државниот медиум ’Спутник‘.

    „Во месецот што му претходеше на референдумот, ’Спутник‘ ширеше дезинформации со бројни приказни како ’Македонија на работ сред стравови за манипулација на претстојното гласање за членство во ЕУ и НАТО‘. Сепак, најголем дел од приказните имаа многу малку интеракции на Фејсбук и нивната ефективност во обликувањето на гласањето е предмет на дебата“, се вели во истражувањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира