СО ПАЛЕЊЕ ГУМИ И ЃУБРЕ ПРОТЕСТИРАА ШТО ЕДНА НЕДЕЛА НЕМААТ СТРУЈА, ПА ЈА ЗАЧАДИЈА БИТОЛА

    СО ПАЛЕЊЕ ГУМИ И ЃУБРЕ ПРОТЕСТИРАА ШТО ЕДНА НЕДЕЛА НЕМААТ СТРУЈА, ПА ЈА ЗАЧАДИЈА БИТОЛАЃубрето беше запалено на битолската обиколница, која неодамна беше реконструирана, при што беше стопен дел од асфалтот (Фото: СДК.МК)

    Гуми и друг смет синоќа запалија жители од горните делови на населбата Баир во Битола, на тој начин изразувајќи револт бидејќи од саботата немаат струја, кога изгоре трансформаторот од преоптовареност. Ѓубрето го запалија на битолската обиколница, која неодамна беше реконструирана, при што стопија дел од асфалтот, а го блокираа и сообраќајот на неколку часа. Поради ваквите протести на Баир, и во околните населби вчера се чувствуваа чад и смрдеа.

    Дел од жителите кои излегоа на протести се жалеа дека со денови се без струја, измрзнале, а им се расипала и храната во ладилниците. Воедно, добиле информации дека новата трафостаница не може да се изгради за брзо, па одлучиле на овој начин да направат притисок.

    Жители од подолните делови на населбата велат дека дел од оние кои протестираа со палење смет имаат броила, но не плаќаат редовно струја. Велат дека имало многу кои на трафостаницата се приклучени на диво и дека поради ваквите појави, дефектите се чести, па без струја остануваат и редовни плаќачи.

    Од ЕВН велат дека најголем дел од легалните корисници се приклучени на три соседни трафостаници и дека имаат струја. Уште мал број корисници се останати без струјно напојување, за да не се преоптовари мрежата и да не дојде до нов дефект. Денеска се пушта уште еден кабел за да се приклучат сите. Со префрлувањето, диво приклучените останаа без струја.

    Трафостаницата во населбата Баир, преку која со струја се снабдуваа жителите од улиците Дебарска и Караорман, изгоре во саботата и како што соопшти ЕВН, дефектот настанал од сериозна преоптовареност на диво приклучени корисници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира