Општина Центар ќе распише конкурс за избор на уредување на просторот на поранешната фабрика „Треска“, откако ќе се проверат потписите и целата граѓанска инцијатива дали се валидни. Ова беше договорено по неколкучасовна дискусија на Советот на Општина Центар, по иницијативата на архитекти, професори, граѓански здруженија и граѓани да се распише архитектонско-урбанистички конкурс за локацијата на „Треска“.
На седницата присуствуваше и поранешната претседателка на Здружението на архитекти на Македонија Даница Павловска-Циги, која во името на повеќе професори, архитекти членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти, како и граѓанските здруженија „Здравје пред профит во Центар“, „О2 коалиција“ и „Транспарентност Македонија“, им објаснуваше на градоначалникот и советниците зошто е важно да се распише архитектонско-урбанистички конкурс за локацијата на фабриката „Треска“.
„Ќе бидете Општина за пример ако дозволите на конкурс да се одлучи што треба да има на тој простор. Ако толку ви се брза да го донесете планот за тој дел, тогаш издвојте го просторот на фабриката, тој нека не биде опфатен со планот. Сите зборуваме дека имаме недостаток на зеленило, затоа дозволете на конкурс да се судрат идеи и да видиме какви се размислувањата што треба таму да има. Прифатете го нашиов предлог, па потоа ќе се договориме како ќе се одвива конкурсот“, рече Даница Павловска-Циги.
Иницијативата на архитектите и граѓанските иницијатива произлезе откако во јавноста почна да се зборува дека со новиот план „Буњаковец 2“ , кој во моментов се прави во рамките на мораториумот, се превидуваат нови згради во центарот на местото на фабриката „Треска“.
Градоначалникот Саша Богдановиќ и советниците од СДСМ најпрво велеа дека оваа иницијатива не може да ја разгледуваат сега бидејќи е нецелосна, односно не се запазени сите формално-правни процедури.
„Не знам зошто толку брзате, мораториумот ќе биде на сила. Ви велам да ја ставиме оваа точка на дневен ред на наредната седница. Има работи кои при поднесување на вакви граѓански иницијативи не сте ги запазиле, на пример денеска се доставени потписи од граѓани до Архивата и тие сѐ уште не се разгледани дали се валидни. За да не ви пропадне иницијативата, ве советувам да ја одложиме оваа точка“, рече градоначалникот Саша Богдановиќ.
Претседателката на Советот Јана Белчева-Андреевска ги прашуваше градоначалникот и советниците зошто на овој начин сакаат да ги демотивираат граѓаните да поднесуваат иницијативи.
На крај беше заклучено иницијативата да се прифати на следната седница, откако ќе се проверат потписите и целаа иницијатива дали се валидни.
„Конкурсот ќе се изработува од Комисијата за урбанизам формирана од градоначалникот. Конкурсот ќе го распише градоначалнккот со обезбедени финансиски средства од програмата Ф1. Комисијата за оценување на решенијата ќе биде составена од претставници на Општина Центар, Град Скопје, Здружение на архитекти на Македонија, Архитектонски факултет, Комора на архитекти како и претставник на сопствениците на приватни имоти на просторот”, стои во предлог-заклучоците по иницијативата.
А. АНТЕВСКА