КИНЕСКИОТ „ОБЛАКОТ ВО НЕЈЗИНАТА СОБА“ ОСВОИ ЗЛАТЕН ТИГАР ВО РОТЕРДАМ

    КИНЕСКИОТ „ОБЛАКОТ ВО НЕЈЗИНАТА СОБА“ ОСВОИ ЗЛАТЕН ТИГАР ВО РОТЕРДАМКинескиот „Облакот во нејзината соба“ на Женг Лу Шинјуан го освои Златниот тигар, а јужнокорејската црна комедија „Ѕверови со канџи закачени на сламки“ на Ким Јонгхон Специјалната награда на жирито. (Фото: ИФФР)

    Кинескиот „Облакот во нејзината соба“ на Женг Лу Шинјуан го освои Златниот тигар, главната награда на 49. филмски фестивал во Ротердам. Филмот на Шинјуан, за девојка која се враќа во родниот град за да биде со семејството, но бракот на нејзините родители се распаѓа пред нејзините очи исто како и вредностите кои се менуваат, со Тигарот доби и 40.000 евра што ќе ги поделат режисерот и продуцентот. Шинјуан вели дека ова е филм за нејзината генерација, која во 1990-те била последната од кинеската политиката за едно дете.

    Јужнокорејската црна комедија „Ѕверови со канџи закачени на сламки“ на Ким Јонгхон, за една „луј витон“ чанта со милион долари што ќе смени осум раце, ја освои Специјалната награда на жирито и 10.000 евра.

    Директорот на Ротердамскиот фестивал Беро Бејер, кому ова му беше последно издание на оваа функција, ја пофали селекцијата за Тигарот како една од најсилните во изминативе години:

    „Запомнете ги овие имиња, оти сигурно ќе чуеме уште многу за нив идниве години“, рече Бејер.

    Наградата во селекцијата Голем екран ја освои „Перфектно нормално семејство“ на данската режисерка Малоу Рејман. Филмот е за тоа како едно семејство се справува со одлуката на таткото да го смени полот и да стане жена, а видено низ перспективата на 11-годишната ќерка. Рејман вели дека тргнала од личното искуство – и нејзиниот татко станал жена кога таа имала 11 години.

    Наградата во селекцијата Светла иднина, со 15 дебија, ја освои корејскиот „Продолжи понатаму“ на Јон Дан-би, за три генерации од едно семејство кои по сила на приликите мора да живеат под ист покрив. Оваа награда носи и 10.000 евра.
    Црно-белата верзија на „Паразит“ на Бонг Јон-хо што имаше премиера во Ротердам, кој доби 6 номинации за Оскар, меѓу кои за најдобар филм и најдобар режисер, ја освои наградата на публиката.

    Наградата на филмската критика ФИПРЕСЦИ ја освои кинескиот „Само ти самата“ на Жоу Жоу, за девојка со епилепсија која живее сама во зафрлен град во Кина.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира