КИНА ПРИЗНА ДЕКА ЛОШО РЕАГИРАЛА НА ПОЈАВАТА НА НОВИОТ ВИРУС, ДОСЕГА 425 ПОЧИНАТИ

    КИНА ПРИЗНА ДЕКА ЛОШО РЕАГИРАЛА НА ПОЈАВАТА НА НОВИОТ ВИРУС, ДОСЕГА 425 ПОЧИНАТИКина најави жестока борба против илегалните пазари за животни, од каде што потекнала заразата (Фото: Гети)

    Највисоките кинески челници признаа дека имало недостатоци во реакцијата на земјата на појавата на новиот коронавирус, од кој досега починаа најмалку 425 луѓе. Вакво ретко признание дојде од Политбирото на Комунистичката партија, кое повика на подобрување на системот за управување со вонредни ситуации и најави борба против илегални пазари за животни, од каде се верува дека вирусот и потекнал.

    Досега е потврдена бројката на повеќе од 20.000 заразени, со што новиот коронавирус ја надмина епидемијата на Сарс од пред 15-ина години.

    „Мора да го подобриме националниот систем за управување со вонредни ситуации, како и нашите способности да се справуваме со итни и опасни задачи. Неопходно е да се засили надзор врз пазарите и бескомпромисно да се затворат сите илегални пазари за животни“, соопшти Политбирото.

    По првичното негирање на сериозноста на вирусот, кој првпат беше идентификуван пред нова година, кинеските власти дури минатиот месец почнаа да преземаат вистински мерки, како виртуелно затворање на провинцијата Хубеи, која важи за центар на заразата. Во меѓувреме, први смртни случаи надвор од Кина беа пријавени во Филипини и Хонгконг.

    Макао, коцкарската мека на Азија, најави дека привремено ќе ги затвори сите казина во регионот, додека Тајван ќе им забрани влез во земјата на сите странци кои биле во Кина во изминатите две недели.

    И неколку европски земји, како Русија, Белгија, Финска, Франција, Велика Британија, Италија и Шведска, ги пријавија првите случаи на коронавирус.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира