Техничката министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи вели дека ќе продолжи да ги држи прес-конференциите пред постојната табла во министерството на која стои името Република Македонија. Таа вели дека ја затекнала таблата кога дошла во министерството, а таму не постоел никаков друг банер.
„Јас тука никогаш тука не најдов банер, ова е таблата на министерството и јас држам пресови пред таблата која ја затекнав. Нема да ставам банер кој не постоел тука. Ова е таблата од министерството и пред оваа табла ќе се држат пресовите. На друго место да го поставите прашањето, со некои аналитичари и експерти во врска со Преспанскиот договор и да видите дали треба да се стави или не. Во овој момент јас не ставам банер“, изјави денеска министерката Мизрахи.
Министерката рече и дека ја нема добиено вербалната нота од Грција, за која зборуваше министерот за надворешни работи Никола Димитров. Во неделата, Димитров кажа дека Мизрахи го крши Уставот и дека Грција во петокот испратила вербална нота до Министерството за надворешни работи. Тој тогаш му сугерираше на техничкиот премиер Оливер Спасовски да предложи нејзино разрешување до Собранието.