МИЗРАХИ ДА СЕ РАЗРЕШИ ОД МИНИСТЕРКА АКО НЕ ГО ПРИМЕНУВА УСТАВНОТО ИМЕ, ПОБАРА ДИМИТРОВ ОД ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИ

    МИЗРАХИ ДА СЕ РАЗРЕШИ ОД МИНИСТЕРКА АКО НЕ ГО ПРИМЕНУВА УСТАВНОТО ИМЕ, ПОБАРА ДИМИТРОВ ОД ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИРеакцијата на Димитров доаѓа откако министерката Мизрахи во петокот во Министерството за труд и социјална политика пред да одржи прес-конференција, ја отстрани таблата со уставното име Република Северна Македонија и постави нова со Република Македонија. - Рашела Мизрахи; Никола Димитров (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Оливер Спасовски да ја разреши министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи ако продолжи да го прекршува Уставот, рече денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.

    Реакцијата на Димитров доаѓа откако министерката Мизрахи во петокот во Министерството за труд и социјална политика пред да одржи прес-конференција, ја отстрани таблата со уставното име Република Северна Македонија и постави нова со Република Македонија.

    Димитров кажа дека со ваквото однесување на Мизрахи се крши Уставот, а Грција веднаш во петокот испратила вербална нота во Министерството за надворешни работи.

    „Доколку веднаш своето однесување не го врати на линија и во рамките на Уставот, му сугерирам на премиерот Оливер Спасовски да предложи нејзино разрешување до Собранието. Укажувам дека во нејзиното делување има и елементи што можат да повлечат кривична одговорност по член 353 и член 390 од Кривичниот закон, но, тоа е делокруг на работа на други државни органи“, рече Димитров.

    На прес-конференцијата во Владата, Димитров кажа дека менувањето на таблата со уставното име од страна на Мизрахи ја прелило чашата, и дека не може министер во Влада да не го почитува Уставот и заклетвата дадена пред преземањето на функцијата.

    „Таа е избрана за да внимава да нема злоупотреби во нејзиниот ресор во контекст на фер и демократски избори. Наместо тоа, таа со овој чин, не само што го згази Уставот, туку го прекрши и Законот за ратификација на Преспанскиот договор, ги проблематизира односите со Грција, создаде проблеми во реализација на двете децениски стратешки цели на татковината, членство во НАТО и во Европската Унија. Државата нема да дозволи ваква инфантилност. Министерството за труд и социјална политика не е нејзин приватен стан, како што Уставот не е обично парче хартија. Може да не ѝ се допаѓа, но тоа не ѝ дава право да не ги применува“, рече Димитров, додавајќи дека и него не му се допаѓа проектот „Скопје 2014“, па секој ден оди на работа во зградата на МНР, која е дел од тој проект.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира