На предлог на јавната обвинителка Фатиме Фетаи, лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска сведочеше во случајот „Монструм“, во контекст на расчистување на сомневањата, како на обвинетите, така и на семејствата на убиените момчиња и на рибарот, дека сторители на петкратното убиство кај Смиљковско Езеро се други лица, дека ДУИ ги штити обвинетите и за други околности.
„Рековте имате разговарано со конкретни луѓе, сопартијци, со меѓународни претставници за настанот и за неговото расчистување. Дали сте разговарале со Сафет Незири да ве информира за семејствата на обвинетите, да ве информира за нив, поконкретно за Алил Демири?“, го праша Фетаи сведокот Ахмети.
„Не само со Сафет, сум разговарал и со други луѓе, уапсените, осомничените, да не бидат евентуално без вина обвинети. Не негирам дека сум разговарал со него“, одговори сведокот.
„На 12.05.2012 година во еден од прислушуваните разговори вие од него барате да се формира паралелна комисија, која покрај обвинителството и судството би работела на расветлување на случајот. Од што произлегуваат вашите сомневања?“, продолжи да го прашува Фетаи.
„Ова беше поврзано и со внатрешните случувања, зашто имавме информации дека може да има протести и ситуацијата да излезе од контрола. Морав да ја изменаџирам целата работа“, рече тој.
„Барате од заменикот министер Џелал Бајрами да оди на прес-конференција за случајот, тој не сака“, го потсети обвинителката.
„И тоа беше дел од напорите да се менаџира ситуацијата“, рече Ахмети.
„На 4.04.2012 на соговорникот му велите дека убиените биле класично стрелани. Од каде ви беа сознанијата?“, продолжи Фетаи.
„Информациите ги имав од институциите, бидејќи се зборуваше дека тие не биле само убиени, туку масакрирани“, одговори Ахмети.
„На 21.04.2012 на соговорникот му велите дека биолошкиот материјал не им припаѓа на осомничените, туку на тие што не се тука. Од кај знаевте кои се тие осомничени, кога тоа било предистражна постапка?“, го потсети Фетаи што зборувал по телефон.
„Сигурно тоа не било непоткрепена информација од официјален орган“, кажа Ахмети.
Фетаи: „На 3.05.2012 Блерим Беџети ве прашува: ’Овие другите како одат шефе?‘“.
Ахмети: „Се обидувавме да менаџираме“.
Фетаи: „Како вие како лидер на партија менаџирате, што значи тоа?“
Ахмети: „Гледавме аргументите и доказите да бидат што поцврсти, во интерес на вистината и откривање на сторителите“.
„Еден месец по настанот, на Џелал Бајрами му велите по телефон: Многу би им завршило работа ако им се направеше тестирање на тие двајца што се на Косово. На кои двајца мислите, на Алил Демири и на Африм Исмаиловиќ?“, продолжи Фетаи.
„Не знам на кого се однесуваше, не се сеќавам, ама ако немало докази за овие тука, сигурно сум мислел на нив“, рече Ахмети.
„А како знаевте дека токму тие двајца се главните осомничени за петкратното убиство, кога во Косово беа уапсени за нелегално поседување на оружје?“, го прашуваше Фетаи.
„Тоа го знаеше целата јавност“, одговори Ахмети.
Родителот на убиеното момче Александар Наќевски го праша сведокот Ахмети дали знае оти Бујар Османи бил дома кај загрозениот сведок, сега обвинетиот Хаки Азири, откако тој во истрагата првично го раскажа целиот случај и посочи точно кои се убијците на четирите момчиња и рибарот.
„Не знам Бујар Османи дали бил кај тогашниот заштитен сведок Хаки Азири дома, Чаир е мал, секој со секого се знае. Не се сеќавам дека сум знаел таква информација“, одговори Ахмети.
По Ахмети, во судницата влезе да сведочи вицепремиерот Бујар Османи. Тој потврди дека се сретнал со семејството на обвинетиот Азири.
С. К. ДЕЛЕВСКА