Италијанец заразен со коронавирусот почина вчера во Падова, станувајќи прва европска жртва на смртоносниот вирус кој од Кина се прошири низ светот. Седумдесет и осумгодишниот маж починал во болница во Падова, каде што бил примен пред десет дена, објави италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца.
Тој бил еден од двајцата луѓе од регионот Венето кои биле тестирани позитивно на коронавирусот КОВИД-19. Минатиот викенд, и Франција го пријави првиот смртен случај – кинески турист кој бил во посета на Париз.
Властите наредија затворање на училишта, јавни згради, ресторани и кафулиња во десет градови во северна Италија, каде што се наоѓа и Падова, откако биле регистрирани уште 15 заразени. Сите случаи се лоцирани во регионот Ломбардија, каде што 38-годишен маж се разболел откако се сретнал со некого кој неодамна бил во Кина.
Од министерството кажаа дека стотици луѓе се ставени во изолација и се тестираат на вирусот. Меѓу нив се и 150-те колеги на заразениот 38-годишен маж, како и 70 медицински лица од болницата во Кодоња.
Според последните информации, од КОВИД-19 досега починале 2.345 луѓе, а повеќе од 77.000 се заразени. Нагло зголемување на бројката на заразени има во Јужна Кореја – 433 за само четири дена, при што две лица и починале.