Три жени кои настрадаа во вчерашната експлозија на плинска боца во кумановското село Романовце имаат изгореници на телото над 80 отсто, и се во тешка и критична состојба, изјавија д-р Илир Хасани, директор на Клиниката за Трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) и Ургентен центар и д-р Љубен Арсенков директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
На Клиниката за неврохирургија во Скопје, синоќа починал еден од тешко повредените членови на семејството. Станува збор за 58-годишен маж.
Несреќата се случи вчера во 10 часот, кога при експлозија на плинска боца загинаа три деца на вораст од 8 од 9 и 11 години, а седум членови на семејството беа тешко повредени. Меѓу нив и бремена жена.
„На нашите клиники има тројца пациенти, вчера еден маж почина. Две жени и еден маж. Состојбата на двете жени е доста тешка и критична, но се бориме со максимални сили да ја стабилизираме нивната состојба. Се работи за тешки изгореници, повреди и изгореници над 80 отсто, а мажот има изгореници кои се 45 отсто. Мажот има 65 години, а жените се на возраст од 35 и 50-тина години. Немаат други повреди, изгорениците се предоминатнти и тројцата се на апарти за вештачко дишење“, рече Хасани.
Д-р Арнаудов кажа дека на Клиниката за хирушки болести вчера околу 12,30 часот се примени тројца пациенти. Триесет и едногодишна пациентка има изгореност на телото од 80 проценти.
„Таа е во крајно тешка состојба и е на машина за вештачко дишење и е со изгореници на дишните патишта. Втората пациентка е на 28 години со 25 отсто изгореници, таа е во седми месец од бременоста и состојбата се следи, како и дете на 10 години, кај кој има 75 осто изгореници. Сега е во стабилна, но тешка состојба“, рече директорот Арсенков.
Според соседите на семејството Алими, децата заедно со нивните мајки кои се сестри, од кои едната од Куманово, другата од липковското село Виштица, дошле завчера на гости кај нивните роднини во Романовце. Утрото додека сите биле во кујната и дневната соба, дошло до експлозијата, при што трите деца починале на лице место, а уште седум членови на семејството добиле тешки повреди и изгореници.
Советот на Општина Куманово денеска ќе одржи вонредна седница со единствена точка прогласување на Ден на жалост.
С. НИКОЛИЌ