ТРИ ДЕЦА НА ДВЕ СЕСТРИ ОД 8 ДО 11 ГОДИНИ ЗАГИНАА ВО ЕКСПЛОЗИЈАТА НА ПЛИНСКА БОЦА ВО РОМАНОВЦЕ

    ТРИ ДЕЦА НА ДВЕ СЕСТРИ ОД 8 ДО 11 ГОДИНИ ЗАГИНАА ВО ЕКСПЛОЗИЈАТА НА ПЛИНСКА БОЦА ВО РОМАНОВЦЕПовредени се седум членови на семејството, меѓу нив и бремена жена и уште едно дете. - Куќата на семејството Алими, трета во редот (Фото: СДК.МК)

    Три деца од две сестри загинале утринава при експлозија на плинска боца во куќата на семејството Алими, во кумановското село Романовце. Според соседите, децата заедно со нивните мајки, од кои едната од Куманово, другата од липковското село Виштица, дошле вчера на гости кај нивните роднини. Утринава додека тие сѐ уште спиеле во дневната соба, а жените готвеле во кујната дошло до експлозијата, при што трите деца починале на лице место, а уште седум членови на семејството се здобиле со тешко повредени и изгореници.

    „Во 10 часот слушнавме силна експлозија. Невидено нешто, земјата и куќите се тресеа. Сите истрчавме надвор и го видовме пожарот. Најблиските комшии влегоа во куќата почнаа да ги вадат повредените преку прозорец од вториот кат, бидејќи од пожарот не можело да се излегува на влезната врата. Набрзо дојде и брза помош и пожарна и почна да ги носи повредените и да го гасне огнот. Некои велат дека имало две плински боци внатре, една поголема, друга помала. Во двете лепенки на куќата живеат двајца браќа, занатлии се и вредни луѓе и вчера на гости им дојдоа сестрите со децата. Сите се повредени. На жената од Куманово починале две деца, а на другата едно. Трагедија невидена, вакво нешто досега не се случила во Романовце“, раскажуваат соседите, кои стоеја на височинката од куќата и следеа што се случува додека полицијата го обезбедуваше местото.

    Шест од повредените членови на семејството се пренесени на Скопските клиники, а едно е задржано на лекување во Кумановската болница. Четворица од нив се во критична состојба поради изгореници по телото од трет и четврти степен и други повреди по телото. Меѓу повредените е и бремена жена и уште едно дете.

    Напладне семејството го посети заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој им изрази сочувство.

    „Голема трагедија. За жал, констатирано е дека три деца, на возраст од 10 до 12 години се починати. Седум лица се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје. На лице место се Јавниот обвинител и екипи на МВР. Координирано преземени се сите мерки. Од првичните информации, станува збор за пожар од плинска боца и во текот на денешниот ден и во наредниот период очекуваме конечен извештај од ЈО и ќе се преземат мерки ако се констатирани некои пропусти кои придонеле за оваа трагедија“, изјави Нухиу.

    И претседателот на месната заедница на село Романовце Таџеди Исади вели дека сите жители на селото Албанци и Македонци, се во тага и шок од немилиот настан и големата загуба на човечки животи.

    „Ова се многу тешки моменти за нашето село. Сите ќе се потрудиме да му помогнеме колку што можеме на семејството за да ги надмине овие тешки моменти“, изјави Таџеди.

    Од МВР информираат дека околу 10 часот во село Романовце, во куќа сопственост на Ш.А. при експлозија на плинска боца настанал пожар во кој три малолетни лица на возраст од 8, 9 и 11 години починале на местото на настанот, а шест лица се пренесени во Општа болница Куманово каде им се констатирани тешки телесни повреди, но поради сериозноста на повредите истите се префрлени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Пожарот е изгаснат од противпожарната единица од Куманово. Известен е јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово е упатена на местотот на настанот со цел утврдување на причините кои довеле до несреќата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира