ИТАЛИЈА СТАНА НОВ ЦЕНТАР НА ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ, ОТТАМУ СТИГНА И ДО БРАЗИЛ И АЛЖИР

    ИТАЛИЈА СТАНА НОВ ЦЕНТАР НА ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ, ОТТАМУ СТИГНА И ДО БРАЗИЛ И АЛЖИРВо последните четири дена, 11 луѓе починаа во Италија од коронавирусот, а 322 се заразени (Фото: ЕПА)

    Неколку земји го потврдија својот прв случај на коронавирус и сите се поврзани со неговото неодамнешно ширење во Италија.

    Заразените во Хрватска, Австрија и Швајцарија се луѓе кои претходно биле во Италија, исто како и првиот случај во Алжир. Првиот позитивен тест е регистриран и во Јужна Америка, Бразилец кој неодамна престојувал во Италија.

    Хрватска утрово го потврди и вториот случај, брат на заразениот млад маж кој минатата недела бил во Милано на натпреварот од Лигата на шампионите, Аталанта-Валенсија.

    Во последните четири дена, 11 луѓе починаа во Италија од коронавирусот, а 322 се заразени. Сите починати се возрасни лица, најчесто над 80 години, кои веќе имале сериозни здравствени проблеми.

    „Во Италија има доста стара популација и тоа може да објасни зошто смртноста изнесува 2-3%. Постарите се поранливи, тоа може да се види и кога е сезона на обичен грип. Од грип можеме да ги заштитиме, но за КОВИД-19 засега нема вакцина, па оттука и поголема смртност“, изјави Џовани Реца, директорот на Инфективниот оддел во Националниот здравствен институт во Рим.

    Италија е меѓу земјите кои се најпогодени од коронавирусот, но нејзините соседи велат дека затворањето на границите би било несразмерно.

    Италијански лекар во хотел во Тенерифе имал позитивен тест на коронавирус, а нови случаи на заразени пријавија и Франција и Германија, исто така лица кои биле во Италија.

    Во Кина вчера починале 52 луѓе, со што вкупната бројка порасна на 2.715. На светско ниво сега има повеќе од 80.000 заразени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира