ЗНАЕМЕ КОЈ ГИ ОТВОРИ ВРАТИТЕ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ, НО ЗНАЕМЕ И ДЕКА ТОА ИМ ГО НАРЕДИЛЕ ОБВИНЕТИТЕ 4 ОРГАНИЗАТОРИ И КУКАВИЧКИ ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ, КАЖА РУСКОВСКА ВО ВОВЕДНИТЕ ЗБОРОВИ

    ЗНАЕМЕ КОЈ ГИ ОТВОРИ ВРАТИТЕ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ, НО ЗНАЕМЕ И ДЕКА ТОА ИМ ГО НАРЕДИЛЕ ОБВИНЕТИТЕ 4 ОРГАНИЗАТОРИ И КУКАВИЧКИ ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ, КАЖА РУСКОВСКА ВО ВОВЕДНИТЕ ЗБОРОВИГруевски не е во ова обвинение, бидејќи истрага против него не можела да се спроведе, поради тоа што избега од државата и доби азил во Унгарија. - Обвинетите Ристовски, Јанакиески и Вељаноски; Обвинителката Русковска (Фото: К. Попов)

    Обвинителството за организиран криминал ќе докаже дека обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски изготвиле план за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, со цел да го спречат мирното примопредавање на власта, што доведе до напад на Собранието на 27 април 2017 година, го почна Јавната обвинителка Вилма Русковска воведниот збор за обвинението против организаторите на нападот пред 3 години.

    „Сите овие обвинети што ги гледате овде, се коцки во мозаикот. Ќе чуете од Спиро Ристовски и од Миле Јанакиески дека се наоѓале во штабот на нивната партија, зашто се високи партиски функционери. Од претседавачот на Собранието Трајко Вељаноски ќе чуете дека не знаел за влегувањето на протестантите, а за Владимир Атанасовски дека бил на ракометен натпревар и од медиумите разбрал што се случува во Парламентот. Но, не е така“, рече обвинителката Русковска.

    Потоа кажа што зборуваат доказите што таа ги поседува: „Спиро и Миле се јавуваат по членството, организираат превоз за што помасовно присуство пред Собранието. Знаеме кој ги отвори вратите, но знаеме кој им рече да го направат тоа. Тоа се овие обвинети овде, како и нивниот лидер Никола Груевски кој толку сакаше да се соочува со граѓаните на избори, а кукавички избега од правдата и од граѓаните“, кажа во продолжение Русковска.

    Груевски не е во ова обвинение, бидејќи истрага против него не можела да се спроведе, поради тоа што избега од државата и доби азил во Унгарија.

    „Ова нѐ носи до Трајко Вељаноски, претседавач и втор човек во државата. Тој одби да се изврши промена на точките на дневниот ред на седницата на предлог на пратеникот Оливер Спасовски и 10 пратеници, со што ги скрши законот и деловникот. Но не заборави да се допишува со негов лидер Никола Груевски, да му даде преку ред збор и да не го спречи пратеникот Зекирија Ибраими да ја испее албанската химна во пленарната сала“, зборуваше Русковска.

    Задржувајќи се во воведниот збор најмногу на првообвинетиот Трајко Вељаноски и на неговата улога критичната квечерина и ноќта на 27 април 2017 година во Собранието, таа кажа:

    „Што направи Вељаноски да го спречи хаосот? Ништо. Место тоа, на шефот на личното обезбедување Горан Ѓошевски и на осудениот Никола Митревски – Кољо, им помогна да стигнат до салата број 3, кај што беа заробени пратениците од тогашната опозиција“.

    Владимир Атанасовски ја координирал групата предводена од Нинџа и Кољо. Но, истовремено ги координирал и водачите на протестите Андон Ќосето, Тврдокорните и др.

    „Сега осудениот Оливер Радулов, негово лично обезбедување и Сашо Марковски од УБК ги испратил во Собрание да ги одземат хард дисковите од надзорните камери, за да ги уништат доказите за она што се случуваше во Собранието“, заврши Русковска.

    Откако ја ислушаа обвинителката, прв стана првообвинетиот Трајко Вељаноски, кој се изјасни за невин по обвинението.

    Потоа и Спиро Ристовски кажа дека е невин, исто како и Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски.

    Судењето продолжува на 9 март. За прв сведок е повикан Оливер Спасовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира