НИ СЕ СЛУЧУВА ИНФОДЕМИЈА, ВНИМАВАЈТЕ КАКО СЕ ИНФОРМИРАТЕ И ТРЕТИРАЈТЕ ГИ ЗАРАЗЕНИТЕ СО КОРОНАВИРУС СО ПОЧИТ, АПЕЛИРАШЕ ВО СКОПЈЕ ДИРЕКТОРОТ НА СЗО ЗА ЕВРОПА

    НИ СЕ СЛУЧУВА ИНФОДЕМИЈА, ВНИМАВАЈТЕ КАКО СЕ ИНФОРМИРАТЕ И ТРЕТИРАЈТЕ ГИ ЗАРАЗЕНИТЕ СО КОРОНАВИРУС СО ПОЧИТ, АПЕЛИРАШЕ ВО СКОПЈЕ  ДИРЕКТОРОТ НА СЗО ЗА ЕВРОПА„Да не заборавиме дека секоја година, во поголем број европски земји околу 60 до 65 илјади луѓе умираат од сезонски грип, а за тоа имаме вакцина. Тоа ми е поентата, каде што имаме вакцини, вакцините спасуваат животи. Лично јас примив вакцина против сезонски грип“, кажа д-р Ханс Клуге за медиумите во рамки на вториот Национален форум за здравје во Скопје. (Фото: МИА)

    Новиот регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа д-р Ханс Клуге, денеска во Скопје рече дека нема потреба за тревога и за паника за коронавирусот. Тој апелираше до граѓаните да се придржуваат до хигиенските мерки за заштита, како и да се информираат од официјални институции.

    „Се соочуваме не само со епидемија, туку има нов поим, инфодемија и феноменот на лажните вести. На европските влади ќе им порачам и понатаму да бидат подготвени на што е можно повисоко ниво, да ги заштитат здравствените работници кои јас ги нарекувам херои од прва борбена линија и да ги третираат пациентите со емпатија и дигнитет, бидејќи знаеме дека многу негативни ефекти доаѓаат од социјална дискриминација, како и да користат терминологија која сите луѓе може да ја разберат. Задачата на медиумите е не само да ги пренесуваат информациите, туку и да информираат на етички и веродостоен начин“, рече Клуге за медиумите во рамки на вториот Национален форум за здравје под мотото „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“.

    „Ова е нов вирус и сакам да ве уверам дека СЗО и јас како специјалист за инфективни болести го сфаќаме многу сериозно, ги разбираме стравовите кај граѓаните и покажуваме емпатија кон таквите нивни чувства.
    Да не заборавиме дека секоја година, во поголем број европски земји околу 60 до 65 илјади луѓе умираат од сезонски грип, а за тоа имаме вакцина. Тоа ми е поентата, каде што имаме вакцини, вакцините спасуваат животи. Лично јас примив вакцина против сезонски грип“, кажа Клуге.

    Тој додаде дека според последните податоци, има 81.104 случаи на заразени во 46 земји, од кои 20 во рамки на европскот регион на СЗО, во кој има вкупно 53. Во последните 24 часа има заразени во уште седум дополнителни земји, освен тие 20. Многу е важно да се сфати дека од тие случаи, 97 проценти се во Кина, тоа е важно за да се разбере она што се нарекува пропорционална реакција, вели тој.

    Клуге смета дека Северна Македонија, не само Министерството за здравство и Владата, го прави она што го препорачува СЗО.

    „Дури и пред да се појави првиот случај вчера, беше формиран мултисекторски комитет за итни ситуации под директно раководство на премиерот. Во делот на превентивата, сѐ е направено, но како и да е ова е непредвидлива ситуација, независно дали е Северна Македонија или Италија. Синоќа дојдов од Рим каде имав состанок со италијанскиот министер за здравство, со европскиот комесар за безбедност на храна и здравство и со директорот на Еевропскиот центар за контрола на болести. Знаеме дека има две лица во регионот Венето кои не се епидемиолошки поврзани, т. е. немале контакт со заразен ниту со некој кој патувал во Кина. Тоа сега е предмет на наша работа, нашите истражувања се во таа насока. Не може да се исклучи можноста дека може да се појават кластери на локализирана појава на зголемен број случаи, како што имаме денес во Италија, утре може да биде во друга земја. Денес сме во фаза за која велиме дека ситуација која е под контрола“, рече директорот од СЗО.

     

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира