„Алкалоид“ оствари раст на консолидираните продажби од 13%, раст на консолидираната нето добивка од 18% и 218 нови вработувања во периодот јануари-декември 2019.
Според единечниот Биланс на успех, продажбите изнесуваат 8.428.009.344 денари, што е 12% повеќе во споредба со истиот период од 2018. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 11.102.808.123 денари, што е раст од 13%.
Консолидираните продажби на домашен пазар се зголемени за 8%, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата за 17%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, а 65% на странски пазари, најмногу во југоисточна Европа (33%) и во земјите од западна Европа (20%).
Најзабележителен раст е остварен во САД со продажби од 268.202.851 денари (двојно повеќе од 2018), Русија со продажби од 742.189.553 денари (раст од 91%) и Германија со остварени 75.689.421 денари (57%).
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација – 86%, па следуваат ОТЦ препарати (22%) и кардиолошки препарати (15%). Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби.
Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 1.774.492.371 денари и бележи зголемување од околу 20%, додека единечната нето добивка изнесува 1.007.811.167 денари и е зголемена за 19%.
Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 1.857.857.478 денари (раст од 19%), додека нето консолидираната добивка од 1.015.259.965 денари е зголемена за 18%.
Вкупните инвестиции во основни средства изнесуваат 1.091.631.671 денари и главно се наменети за проширување на производните капацитети, што ќе создаде услови и за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.
Со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии, во 2019 почна да се реализира проектот за гасификација на локалитетот „Алкалоид – Ѓорче Петров“. Проектот е вреден над милион евра, а неговата финализација е предвидена во текот на оваа година.
Во периодот јануари-декември 2019, во „Алкалоид“ се реализирани 218 нови вработувања.
Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“, во март 2019 е одобрен и исплатен регрес за користење на годишен одмор на вработените во компанијата во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето, а во август е одобрено зголемување на нето платата за 5,2%, со што просечната исплатена нето плата за декември достигна 46.686 денари.
Акциите на „Алкалоид АД Скопје“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година. Цената на акцијата во периодот јануари-декември се движеше од 8.200 до 11.901 денари или просечно 9.508,11 денари за една акција, што претставува раст од 18% во споредба со 2018.