Првенствените фудбалски натпревари викендов ќе се играат пред празни трибини, додека европскиот првак Вардар одлучи да го нагости Монпелје во Лигата на шампионите во присуство на гледачи.
Со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, Владата денеска препорача спортските натпревари да се играат без гледачи до 6 март, што беше прифатено од Фудбалската федерација на Македонија и од Македонската кошаркарска федерација.
За разлика од нив, управата на РК Вардар донесе поинаква одлука.
„Ги известуваме сите кои купиле билети за натпреварот од Лигата на шампионите помеѓу Вардар и Монпелје, закажан за сабота во СЦ ‘Јане Сандански‘, дека мечот ќе се игра во присуство на публика. Одлуката е донесена, пред сѐ, поради краткиот период за каква било промена, со оглед на тоа што станува збор за меѓународна средба која е одамна закажана, а и екипата на Монпелје е веќе пристигната во Скопје. Препорака е да не се водат мали деца на натпреварот“, објави Вардар.
Во исто време, мечевите од 21. коло на Првата фудбалска лига и од 15. коло на Втората лига ќе се играат пред празни трибини. Без ривалските навивачки групи ќе помине и најголемото кошаркарско дерби МЗТ Скопје-Работнички.
Г. КОНЕВ