По добиениот кредит од 26 милиони евра, водата од езерото Лисиче нема да го полни езерото Младост.
Повеќе години се зборуваше и најавуваше дека ќе се гради цевковод со кој ќе се носи вода од Лисиче кон Младост и целта беше да се полеваат околните површни, но оваа опција нема да се реализира, и тоа на барање на „КФВ банка“, која го додели кредитот.
„Консултантите ангажирани од банката ја отфрлија оваа опција како нерационална и несоодветна. Стручните лица сметаат дека ќе се нарушат флората и фауната на езерото Младост доколку се помешаат водите. Таа можност е исклучена. Затоа ќе се гради нов, паралелен цевковод со приклучоци за повеќе стотина хектари земјоделска површина, која ќе може да се наводнува“, објасни градоначалникот Аце Коцевски.
Со добиениот кредит се предвидува изградба на систем за наводнување на околу 3.700 хектари земјоделско земјиште и на три мали хидроцентрали за производство на енергија, со што ќе се искористат потенцијалите кои ги овозможува хидросистемот „Лисиче“.
П. ПЕЧКОВ