Државата будно ја следи ситуацијата со мигрантите на турско-грчката граница и ги презема сите мерки во случај на ексалирање на состојбата, што може да се одрази и на земјава.
Ова го истакна претседателот и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, кој беше во обиколка на караулата Богородица, транзитниот центар Винојуг и котата 59 на македонско-грчката граница. Според Пендаровски, овие денови е зголемен бројот на припадници на АРМ и МВР кои патролираат долж границата, а очекува да се зголеми и бројката на припадници од Фронтекс.
„Од пред два дена, и армискиот контингент го зголемивме тука. Не можам да зборувам за бројки, бидејќи тоа се класифицирани информации, но е зголемен. Не во очекување на некој голем бегалски бран, туку да не нѐ фати неподготвени ако евентуално нешто се случи. Знам дека истото се случува и со единиците на МВР. Ве уверувам дека сите органи се активирани“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека е можно и поголемо присуство на припадници на Фронтекс во земјава. Во Брисел веќе се размислувало за тоа, а министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ задутре ќе расправаат по ова прашање.
„Фронтекс од пред неколку дена го зголеми своето присуство, но во Брисел постојат планови и дополнително да се зголеми ако има потреба“, рече Пендаровски.
Тој го посети транзитниот центар Винојуг кај Гевгелија, каде имаше само двајца мигранти од Авганистан, татко и син. Оттаму информираа дека се подготвени за прифаќање и привремен престој на мигранти, каде во континуитет се присутни и претставници на Црвен крст и УНХЦР.
В. ТРАЈКОВ