МЕ ВИКНАА ВО ВМРО-ДПМНЕ ДА ПОТПИШАМ БЛАНКО УПЛАТНИЦА ЗА МОЈА РЕДОВНА ЧЛЕНАРИНА, НЕ ЗНАЕВ ДЕКА ЌЕ МЕ ЗЛОУПОТРЕБАТ, КАЖА СВЕДОК ВО „ТИТАНИК“ ЗА НАВОДНИТЕ ДОНАЦИИ

    МЕ ВИКНАА ВО ВМРО-ДПМНЕ ДА ПОТПИШАМ БЛАНКО УПЛАТНИЦА ЗА МОЈА РЕДОВНА ЧЛЕНАРИНА, НЕ ЗНАЕВ ДЕКА ЌЕ МЕ ЗЛОУПОТРЕБАТ, КАЖА СВЕДОК ВО „ТИТАНИК“ ЗА НАВОДНИТЕ ДОНАЦИИСпоред обвинението, преку стотици уплатници со ист ракопис и иста сума од по 60.000 денари, биле покриени средства од нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во 2011, но и во 2013 година. - Обвинетите Мартин Протоѓер и Гордана Јанкулоска на судење за „Титаник“ (Фото: СДК.МК)

    Стојанчо Арсов, третиот сведок на денешното судење „Титаник“, за изборни нерегуларности на Никола Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Билјана Бришкоска, Кирил Тодоровски, Леко Ристовски, Едмонд Темелко, Мунир Пепиќ и други членови на ВМРО-ДПМНЕ во 2011, 2013 и 2014 година, како и претходните два сведока, изјави дека до денес нема уплатено пари како донација на ниту една партија.

    На прашање на обвинителката Лиле Стефанова одговори и дека на никој му нема дадено пари да уплати како донација во негово лично име како донатор на партијата ВМРО ДПМНЕ.

    Но, Арсов откри друг момент, дека тој всушност бил повикан во ВМРО-ДПМНЕ и излажан за да ги остави личните податоци на бланко уплатница.

    „Бев повикан во партијата од Бети Кузмановска да пополнам уплатница со лични податоци. Ми беше кажано дека ќе бидат уплатени пари како членарина на членовите на партијата“, раскажува Арсовски.

    Тој потврди дека не се сеќава колкав износ бил напишан на уплатницата.

    „Секое потпишување на празна уплатница е ризик. Меѓутоа јас не сум се сомневал дека ќе бидам злоупотребен“, сведочи Арсов.

    По него, дека никогаш не уплатил во банка за донација од 1.000 евра на која било партија, а со тоа ни на ВМРО-ДПМНЕ, кажа и сведокот Ѕвонко Митров од Кочани. Одговори дека никогаш не дал пари некој друг да го направи во негово име.

    „Дали уплатницата беше пополнета од вас?“, го праша обвинителката Лиле Стефанова.

    „Името, презимето и матичниот број беа мои, цел на дознаката и сумата, кога ја видов уплатницата во истрагата во СЈО, беа со друг ракопис“, одговори Митров.

    Потоа на прашање на адвокат, Митров одговори дека на поштарот Марјан му давал донации во повеќе наврати за партијата, но никогаш на уплатница преку банка.

    „Бидејќи бев член на Советот на Општина Кочани, добивав ливче ’каса прими‘. Имам повеќе пати донирано и затоа потпишав бланко уплатница за донација. Јас имав донирано и повеќе од 1.000 евра за партијата“, рече сведокот.

    И Горан Крстевски, вработен во Царинската управа на граничниот премин Табановце, рече дека никогаш не бил во банка за да уплати донација на уплатница за политичка партија.

    „Лично јас немам уплатено средства во банка како донација, туку имам дадено во ВМРО-ДПМНЕ на ’каса прими‘, повеќе пати“, кажа тој.

    „Колкав износ давате на годишно ниво за членарина?“, го праша Стефанова.

    „Па 400, 500, 600, 1.000 денари месечно, кој колку има, кој колку може. Може ми се собрала поголема сума, па некој пишал уплатница на 1.000 евра на мое име“, одговори Крстевски.

    Според обвинението, преку стотици уплатници со ист ракопис и иста сума од по 60.000 денари, биле покриени средства од нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во 2011, но и во 2013 година.

    Последниот сведок за денешното рочиште на судењето за серија изборни нерегуларности „Титаник“, Реџеп Кемал, вработен во „МЖ Транспорт“, кажа дека некогаш плаќал редовна членарина во ВМРО-ДПМНЕ, некогаш не.

    „А дали имате донирано за ВМРО-ДПМНЕ?“, беше прашан сведокот.

    „Еднаш само, 5.000 денари, толку имав во џебот“, одговори тој.

    „Дали некогаш некој од ВМРО-ДПМНЕ ви даде празна уплатница да ја пополните?“, праша обвинителката Стефанова.

    „Да. ОК на ВМРО-ДПМНЕ Центар ми даде празна уплатница, јас напишав само име, презиме и матичен број, и тие 5.000 денари“, кажа сведокот.

    „Дали некогаш сте биле во банка да уплатите 60.000 денари за ВМРО-ДПМНЕ?“, праша Стефанова.

    „Не“, одговори Кемал.

    „Дали знаевте дека постои уплатница за донација од 60.000 евра од ваше име за ВМРО-ДПМНЕ?“, го праша Стефанова.

    „Не, не знаев“, рече тој.

    Стефанова пред да повлече еден сведок, кажа дека таа докажала што имала да докаже од обвинението за овој дел за незаконското финансирање на партијата за изборите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира