До крајот на месецов ќе заврши реконструкцијата на делот од патот од Градско до Прилеп на делницата од Дреново до Фариш, најавија денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
Реновирањето на оваа делница во должина од 9,1 километар почна во ноември лани и чини 1,5 милиони евра. По завршување на градежните работи, на оваа делница ќе се почне со реконструкција на потегот од Фариш до Прилеп во должина од 19 километри.
„Прилеп ќе добие два патни правци, овој што сега го рехабилитираме и експресниот пат. Ова е прва фаза и очекувам до крај на март да биде готов, а кон крајот на март ќе излезе тендер за целосна рехабилитација на делот од Фариш до Прилеп и ако не послужат временските услови тоа ќе се заврши до крај на годината или следната година ова време. Во делот на Прилеп, исто така се работи и за патот кон Мариово и други помали делници. Во меѓувреме дадена е проектна задача на Градежниот факултет за изградба на автопатско решение од Прилеп до Битола” , рече Китанов.
А. АНТЕВСКА