ОСТАНЕТЕ ДОМА, КАЖА ПРЕМИЕРОТ КОНТЕ, ЦЕЛА ИТАЛИЈА ВО КАРАНТИН ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ

    ОСТАНЕТЕ ДОМА, КАЖА ПРЕМИЕРОТ КОНТЕ, ЦЕЛА ИТАЛИЈА ВО КАРАНТИН ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТНиз Италија се забрануваат сите јавни собири и ќе може да се патува само со посебна дозвола (Фото: ЕПА)

    Италијанскиот премиер Џузепе Конте ѝ порача на нацијата дека „мора да си ги смени навиките“ откако прогласи карантин на територијата на целата земја, со цел да се запре натамошно ширење на коронавирусот.

    Во земјата со 463 починати и 9.172 заразени до понеделникот попладне ќе бидат забранети сите јавни собири, а дозвола за патување ќе може да се добие само за работа или за итна семејна ситуација. Карантинот стапува на сила денеска и Конте кажа дека тој има за цел да ги заштити најранливите членови на општеството.

    „Имаме значителен пораст на бројот на починати и заразени. Вашите навики мора да се сменат. Најдобро е да останете дома. Сите мора да придонесеме за доброто на Италија. Тоа мора да го направиме сега и ќе бидеме во можност само ако соработуваме и се приспособиме на овие уште построги мерки. Ова е во интерес на заштитата на здравјето на сите жители“, кажа Конте во вонредното телевизиско обраќање.

    Суспензијата ќе ги опфати и спортските натпревари, што го вклучува и фудбалот.

    „Нема веќе ноќен живот. Ќе потпишам уредба која се сведува на ‘останете дома‘. Нема веќе ‘црвени зони‘, цела Италија ќе стане заштитена зона“, кажа Конте.

    Вакви строги ограничувања во прв момент беа воведени во Ломбардија и во уште 14 региони во северна и централна Италија.

    Конте кажа дека само оние со валидна работна или семејна причина што не може да се одложи ќе можат да патуваат. Патниците на аеродромите ќе треба да дадат оправдување, на железничките станици ќе се мери телесна температура, а бродовите нема да можат да влезат во сите пристаништа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира